23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Спасов: Ванковска и Апасиев отворено бараат излез од НАТО и се против ЕУ, а Силјановска-Давкова тоа го прави на перфиден начин

„За разлика од Билјана Ванковска и Димитар Апасиев, кои отворено и јасно велат дека да имаат власт тие би барале Македонија да излезе од НАТО и не би инсистирале на членство во ЕУ, Силјановска-Давкова го прави тоа истото само на многу прикриен, па дури и перфиден начин. Таа, како и партијата што ја поддржува, наводно немаат ништо против земјата да станела членка на НАТО, ама тоа не смеело да се случи на начинот на којшто стана“ пишува универзитетскиот професор и поранешен амбасадор Ѓорѓи Спасов во неговата колумна за „Независен“.

Тој додава дека според Силјановска-Давкова бидејќи референдумското прашање за Преспанскиот договор било манипулативно, а референдумот неуспешен, промената на Уставот била направена на нелегален начин.

„Сето ова, според оваа ‘уставобранителка’ им дава право на граѓаните, а веројатно и на идниот претеседател на државата, да бараат поништување на нелегалната промена на Уставот со која е прифатено името Република Северна Македонија и откажување на Македонија од договорот со Грција и, наводно, дека земјата ќе останела во НАТО, бидејќи ‘никој заради тоа нема да се осмелел да ја исклучи од членството во тој воен сојуз’“ пишува Спасов.

Како што додава тој, иста е нејзината приказна во врска со Договорот со Бугарија и француската рамка за преговори и членство во ЕУ. Таа е предводник на хорот кој тврди дека Договорт со Бугарија е штетен и треба да се промени, односно не треба да се почитува од наша страна, дека францускиот предлог не е Европски туку шовинистичко бугарски, и затоа не треба да се внесат Бугарите во Уставот и да продолжат преговорите, туку треба да се бара нова рамка за започнување на преговорите со ЕУ.

„Таа не му помага на ВМРО-ДПМНЕ да најде одговори на прашањето кога и како, туку ги снабдува само со ‘умни’ и ‘на уставот втемелени изговори’ за неприфаќање, за одложување, и по потреба за излегување од НАТО и од ЕУ“ заклучува Спасов.