23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Шкријељ: Младите треба да се двигатели на развојот и градење одржлива и отпорна економија и квалитет на живот каков што им е потребен за да ја создаваат иднината тука

„Многу често политичарите велат – младите се иднината. Но младите се и сегашноста и токму затоа клучно е нивното вклучување и младинското учество не само во политиките што директно се однесуваат на нив, туку и генерално во сите процеси. Младите треба да се двигатели на развојот и градење одржлива и отпорна економија и квалитет на живот каков што им е потребен за да ја создаваат иднината тука, во сопствената земја“, вели во интервју за „Локално“, пратеничката во Собранието и поранешната дополнителна заменик-министерка за труд и социјална политика, Санела Шкријељ.

Таа додаде дека младите носат свежи перспективи, иновативни идеи и нова енергија за адресирање на општествените прашања.

„Ако ги погледнеме причините зошто си заминуваат, проблем со кој се соочува целиот регион повеќе од една деценија, ќе ги најдеме и одговорите како до пресврт. А тоа се квалитетно образование кое развива вештини потребни за современото живеење, добро платени работни места, но и унапредување на целокупниот квалитет на живот. Многу мерки беа донесени изминативе години за да се одговори на тие барања, како воведувањето на Гаранцијата за млади, младински додаток, грантови за самовработување и поддршка на младите земјоделци, субвенциониран студентски оброк и зголемување скоро дупло на износот на стипендиите. За првпат по цела една деценија воведовме стипендии за втор и трет циклус за дефицитарни струки. Но, секако остануваат уште многу предизвици кои мора да се во фокусот на секоја влада во континуитет, доколку сакаме да ги видиме позитивните ефекти од тој пресврт“, заклучи Шкријељ.