26. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
ЛОКАЛНО

Училиштата од Карпош добија сертифицирани обучувачи за родителство

Под покровителство на Општина Карпош, неделава, експертите од Регионалниот експертски центар за родителски вештини при невладината групација „Алтернатива“, одржаа тридневна обука за унапредување на менталното здравје на децата. Обуката беше наменета за стручните кадри (педагози, психолози и наставници) од десетте основни училишта, кои се наоѓаат на територијата на Карпош. Имено, станува збор за реализација на првата фаза од проектот „Советувалиште за родители при Општина Карпош“, што Општината од својот буџет го поддржува со финансиски средства во висина од 300.800 денари, известува Општината.

По тој повод, денеска, проф. д-р Марија Ралева им ги врачи сертификатите на учесниците на обуката, кои понатаму во улога на стручни фасилитатори ќе одржат средби со родителите на децата (од 6- до 10-годишна возраст), кои воедно се ученици во основните училишта во Карпош. На овој начин фасилитаторите (обучувачите) преку пет организирани сесии ќе го пренесат своето искуство и знаењето на родителите, кои понатаму треба да разговараат и позитивно да влијаат врз своите деца, со цел унапредување на нивното ментално здравје.

Според координаторката за еднакви можности на жените и мажите при Општина Карпош, Виолета Михајловска, во рамките на третата фаза од проектот (во септември годинава) треба да почне со работа и канцеларијата (советувалиште) за родители, кое ќе функционира во рамките на ООУ „Јан Амос Коменски“. Со целосна реализација на проектот Општина Карпош се наметнува како пионер во оваа иницијатива, која ги вклучува образовните институции, родителите и основците. Конечниот исход треба да резултира со поефикасна превенција на насилството врз децата од секаков вид, но и со создавање психолошко здрави и стабилни личности, се додава во соопштението на Општина Карпош.