17. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Битиќи: „Галафарм“ е пример за успешноста на владините политики за поддршка на инвестициите и еднаквите услови за домашните и странските компании

„Посетата на „Галафарм“, компанија од фармацевтската индустрија, беше можност да се потсетиме на важноста на тоа што го направивме со изедначувањето на домашните и странските компании во условите за пристап до финансиска поддршка од државата за нивните инвестиции“, изјави заменик-претседателот на Владата, задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи по обиколката на производствениот погон на компанијата во Скопје, а која воедно е една 919-те компании од портфолиото на Законот за финансиска поддршка на инвестициите(ЗФПИ).

Вицепремиерот Битиќи истакна дека посетата се случува во момент на реализација на инвестициски циклус кој е започнат во 2022 година.

„Станува збор за проширување на палетата на фармацевтски производи со нови таблети и прашоци, односно витамини, антибиотици и цитостатици. Според инвестицискиот план, инвестицијата треба да биде завршена во 2026 година, а нејзината вкупна вредност ќе изнесува околу 4 милиони евра“, изјави вицепремиерот Битиќи.

Тој информираше дека минатата година согласно ЗФПИ, компанијата беше поддржана со речиси 4.500.000 денари или околу 73.000 евра за нејзините инвестиции oд 440.842 евра во нова опрема и know how во 2022 година.

„Она што посебно ме радува, е тоа што можев да препознам континуирано инвестирање во истражување и развој, што ја одразува посветеноста на менаџментот кон иновации и знаење. Овој пристап во менаџирањето, заедно со поддршката од Владата, ги одржува и унапредува нејзините конкурентни капацитети на светските пазари“, изјави вицепремиерот Битиќи, притоа истакнувајќи дека „Галафарм“ е само еден од примерите во реалниот сектор на економијата, кој зборува за резултатите на конзистентните политики и мерки на Владата за предвидлив и стимулативен амбиент за нови инвестиции.

Вицепремиерот Битиќи потсети дека има инвестициски бран од околу 500 милиони евра само преку реализација на ЗФПИ.

„Овој инвестициски бран создаде над 5.000 нови работни места со достоинствени плати за нашите граѓани. За ова да се случи, обезбедивме финансиска поддршка од околу 100 милиони евра“, изјави вицепремиерот Битиќи.