Дополнителната заменик-министерка за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска, беше дел од координативниот состанок за работата на привремениот Транзитен центар „Винојуг“ во Гевгелија. Состанокот беше во организација на дополнителниот заменик-министер во Министерството за внатрешни работи, Митко Бојмацлиев
„Министерството за труд и социјална политика, работејќи во партнерство со Меѓуопштинскиот центар за социјална работа во Гевгелија, одигра клучна улога во управување на тековното работење на кампот. Нивниот фокус на обезбедување заштита на ранливите категории лица, особено на децата без придружба, ја нагласува нашата посветеност да ги заштитиме оние на кои сме им најпотребни“, рече Тренчевска.
Таа ја изрази свесноста на институциите за траумите и ризиците на кои се изложени мигрантите и ја искажа фокусираноста на вработените да им помогнат на мигрантите да ги надминат траумите и да се охрабрат за продолжување на патот до следната дестинација.
„Во изминатата 2023 година ‘Винојуг’ прифати 586 придружувани деца/странци што патуваат со своите родители/старатели и 164 деца/странци без придружба. Ова вклучува 161 машко и 3 женски, од кои сите добија старателство. Во првите два месеца од 2024 година може со гордост да кажеме дека продолжуваме со нашите напори олеснувајќи им го транзитот на 18 машки и 5 женски деца придружувани деца/странци, но и на 11 деца/странци без придружба, односно на 10 машки и 1 женско дете“, изјави Тренчевска.
На крајот, таа ја искажа посветеноста за обезбедување побезбедна и посигурна средина за сите лица во транзит.