24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Петровска: Законот за вработените во одбраната дополнително ќе ги мотивира вработените, тој ќе беше донесен многу порано ако не беа блокадите на опозицијата

Законот за вработените во одбраната ќе беше донесен и порано ако не беше блокиран од опозицијата и мене ми е жал што не се донесе порано, порача министерката за одбрана Славјанка Петровска во гостување во поткастот „Политиканти“.

„Измените што ги подготвивме првично беа блокирани со 10.000 амандмани а многу од работните процеси во Министерството ќе беа подобрени и ќе се постигнеа подобри резултати, ако порано беа донесени. Јас, искрено и бев изненадена зошто овој закон е блокиран, затоа што тоа освен што ќе ги подобри работните процеси, ќе им даде и мотивација на вработените и за нивно побрзо унапредување во системот на кариерата, вработување на критични специјалности во службата“ посочи таа.

Петровска исткна дека не верувала дека овој Закон можел да биде блокиран од чисто политички причини

„Не верував дека еден таков закон може да биде блокиран од политички причини, особено што неформално, јас го дадов текстот на законот кај опозициската ВМРО-ДПМНЕ и реков дека сум отворена за соработка, на страна од камери, без непотребен популизам и им реков дека ако сметаат дека можат да го подобрат законот тоа да го сторат, дали сакаат формално да поднесат амандмани во Собранието или сакаат тие амандмани претходно да ги инкорпорираме и дека јас сум подготвена да ги прифатам сите оние амандмани кои се издржани и кои можат да го подобрат законот, но на крајот бев изненадена и разочарана од блокадите. Но нејсе, поминаа неколку месеци, опозицијата даде некои предлози за подобрување, тие кои беа издржани, како што ветив беа прифатени и сега се дел од Законот кој веќе е донесен“ порача Петровска.