26. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Со владина одлука е продолжена веќе започната постапка за набавка на преносливи системи за противоклопна борба

Владата ја разгледа и усвои Информацијата од Министерството за одбрана, за донесување Одлука за формирање Управен комитет за спроведување на поддршката на Република Северна Македонија како земја домаќин и донесе ваква Одлука.

Република Северна Македонија, како што е посочено во Информацијата од ресорното министерство, почитувајќи ги обврските од членството во НАТО, потребно е да воспостави национален систем за Поддршка од земја домаќин, што подразбира создавање услови за непречен престој, изведување на операции или транзит на сојузничките сили низ територијата на Република Северна Македонија.

Правилното функционирање на системот за ПЗД е од клучно значење за одбраната на земјата и кредибилитетот на државата како сојузник и партнер.

За почеток е идентификувана потребата од донесување на Упатство за поддршка од земја домаќин, со што ќе се воспостави систем на активности во поддршка на НАТО и партнерите на територијата на Република Северна Македонија.

Според Упатството, НАТО/ЕУ силите ја користат ПЗД како извор на снабдување со стоки и услуги, коишто земјата домаќин ги обезбедува врз основа на националното законодавство, националните приоритети и актуелните можности.

За сето ова да се реализира, потребно е формирање Управен комитет за спроведување на поддршката на Република Северна Македонија како земја домаќин.

Владата ја разгледа и усвои и Информација од Министерството за одбрана за потребата од доделување на договор влада со влада, за набавка на преносливи системи за противоклопна борба, со склучување на договор помеѓу Владата на Република Северна Македонија и Владата на Соединетите Американски Држави. Притоа е утврден усогласен текст на амандман кон Писмото за понуда и прифаќање (Amendment 1 to Letter of Offer and Acceptance ) MK-B-UCF JAVELIN – JLTV, помеѓу Владата на Република Северна Македонија и Владата на Соединетите Американски Држави.

Со оваа владина одлука е продолжена веќе започната постапка за набавка на преносливи системи за противоклопна борба, наменети за пешадијата од составот на лесната пешадиска баталјонска група. А, одлуката е во насока на определбата за Министерството за одбрана за модернизација и опремување на Армијата на Република Северна Македонија за постигнување целосна интероперабилност со армиите на земјите партнери во НАТО и во тие рамки опремување на лесната пешадиска баталјонска група со современа борбена техника, односно лесни оклопни возила на тркала, што како проект е предвидено да се реализира во периодот од 2019 – 2027 година.