26. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.ЛОКАЛНО

Герасимовски: Еколошката свест кај децата носи зелена и одржлива иднина

Во рамки на кампањата „Редуцирај. Селектирај. Рециклирај“, и Меморандумот за соработка кој Општина Центар го потпиша со Центарот за одржлив развој „Алка“, денеска се одржа креативна работилница во детската градинка „13 Ноември“ во Oпштина Центар, чија цел беше покренување на свеста на најмладите за значењето на применувањето на добрите практики за зачувување и заштита на животната средина.

Градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски, денеска во градинката 13 Ноември го истакна значењето на раното воспоставување на еколошката свест, потенцирајќи ја одговорноста што ја имаме кон идните генерации за создавање на зелена и одржлива иднина.
„Поставувањето на темелите на еколошката свест кај децата е од суштинско значење за создавање одржлива иднина. Нашата мисија како општина е да ги подготви младите да размислуваат и да дејствуваат во насока на заштита на нашата планета, користејќи игра и креативност како моќни образовни алатки“, истакна градоначалникот Герасимовски.
Претседателката на„Алка“, Елизабета Ѓорѓиевска, го нагласи значењето на оваа кампања како инспирација за децата да станат активни учесници во заштитата на животната средина.
„Целта на оваа кампања е да ги инспирираме децата да преземат активна улога во заштитата на животната средина, бидејќи тие ни се единствена надеж на промени. Со овие активности, тие учат дека секој може да придонесе кон подобра иднина преку редуцирање, селектирање и рециклирање на отпадот од домот“ додаде Ѓорѓиевска.
Кристијан Ѓоргиев, актер и ентузијастичен поддржувач на кампањата, ги сподели своите впечатоци за интересот и ентузијазмот на децата за учење и учество.
„Беше неверојатно да видам колку ентузијазам и интерес покажаа децата. Ова искуство ми покажа дека образованието за одржливост може и треба да биде забавно и интерактивно. Ние сме двигатели на зелената иднина и ако не започнеме со мали чекори, утре ќе биде предоцна“, рече тој.
Уметникот м-р Анета Божинова од Галерија „КОТИ“, која ја водеше креативната работилница, нагласи дека со отпадот можат да се создадат вредни уметнички дела.
„Преку уметност и креативна игра, децата учеа како од отпад може да се создадат вредни уметнички дела. Ова не само што ги поттикнува на размислување за рециклирање, туку и покажува дека секој од нас има моќ да направи промена. Затоа, се што имате во домот како отпад искористете го за честитка за 8ми март“, порача Божинова.
Оваа иницијатива покажа дека образованието за еколошка одговорност може успешно да се интегрира во раното детство, користејќи методи кои ги прави активни и корисни во процесот.
Проектот „Зелен раст за одржлив развој“ е финансиски поддржан со институционален грант, во рамките на проектот „ГОи во акција за климатските промени“ спроведуван од Центарот за истражување и информирање за животна средина Еко-свест, во партнерство со Македонското здружение на млади правници – МЗМП и Организацијата за промовирање на природните вредности и луѓе – ЦНВП Македонија.