Од 2020 година, кога беше воведена мерката младински додаток, досега ја искористиле 13.000 млади лица.
Со мерката „Младински додаток“, којашто ја воведе Владата на СДСМ во 2020 година се обезбедува дополнителен приход од 3.000 денари за младите до 23 години вработени во производство.
Младинскиот додаток во висина од 3.000 денари месечно им се исплаќа на млади вработени лица до 23 години со завршено најмалку средно образование во дејностите на производството.
Целта на мерката беше да се зајакне стандардот на младите и да се стимулира атрактивноста на стручните занимања за кои на пазарот на трудот во Македонија постои интерес.
До придобивките од оваа мерка имаат пристап младите кои се вработени со задолжително социјално осигурување кај работодавач или се самовработени во компании со претежна производствена дејност; младите кои што се вработени преку приватна агенција за вработување на работа кај работодавач со претежна производствена дејност, како и младите индивидуални земјоделци со задолжително социјално осигурување.
Освен како придонес за повисок животен стандард на младите, со оваа мерка им се излегува во пресрет и на потребите на работодавачите со соодветно квалификувана работна сила, која тие ја бараат меѓу стручно образованите млади луѓе.
Младинскиот додаток беше дизајниран не само да ја зголеми младинската вработеност туку и да овозможи подобро платени работни места за младите луѓе.