24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Костадинов: Ќе се повтори сценариото од претходните претседателски избори каде победа ќе издвои кандидатот на СДСМ

„Радува фактот што имаме повеќе номинации за претседатели на државата. Не сметам дека било што е пропаднато, дека било какви коалиции или поддршки се пропаднати. Се уште сето тоа е во фаза на номинации, да помине низ внатрепартиските тела и органи на партиите, треба да имаме посебен конгрес за кандидат за претседател на државата. Јас очекувам дека ќе се повтори сценариото од претходните претседателски избори каде нормално победа ќе издвои кандидатот на СДСМ“, изјави градоначалникот на Струмица и член на ИО од редовите на СДСМ Коста Костадинов на емисијата „24 Анализа“ на Телевизија 24.

Во однос на одлуката на ДУИ да излезе со свој кандидат и покрај фактот дека е во коалиција со СДСМ, Костадинов одговори дека се работи за политички стојалишта на една политичка партија.

„Нормално дека коалициските партнери, па и другите партнери кои не се дел од коалцијата, треба да разговараат во однос на тоа што значи стратешка поставеност на постоечка коалиција и на можна коалиција. Тоа е сосема легитимно и не е воопшто ниту опасно ниту страшно, нештата да се договорат или да не се договорат“, подвлече Костадинов.

Тој додаде дека она што е важно да се потенцира е дека сепак клучни политички фактори во државата ќе бидат двете партии СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ.

„СДСМ останува отворена за разговори за се што е важно за државата и за зајакнување на коалицијата“, заклучи Костадинов.