Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Наместо на политички игри во училиштата, Општина Тетово да се фокусира на квалитетна настава, апелира Министерството

Контролите на Државниот просветен инспекторат над работата на основните и средните училишта во државата во изминатите неколку месеци потврдуваат дека Тетово е општина што најлошо ги менаџира своите надлежности и обврски во областа на образованието. Тоа е резултат на несовесно работење на градоначалникот, кој, наместо на квалитетот на наставата и интересите на учениците, е фокусиран на политички игри, кои ги спроведува токму преку образовните установи, истакнуваат од Министерството за образование и наука.

„Од страна на просветните инспектори констатирани се многубројни неправилности, особено при избори и именувања директори, и тоа во седум општински основни и средни училишта, за што давани се насоки за постапување и поведувани се соодветни постапки.

Во три основни училипта – „Истикбал“, „Ѓерѓ Кастриот Скендербег“ во Порој и „Беса“ во Мала Речица, именувани се директори што не ги исполнуваат законските услови за извршување на функцијата. Двајца од нив (во „Истикбал“ и „Беса“) се назначени и без да се спроведе оглас за избор на директор, исто како и во гимназијата „7 Март“.

Во средното училиште „8 Септември“ не е распишан оглас за избор на директор три месеци пред истекот на мандатот на актуелниот директор на училиштето, како што наложува законот, додека во гимназијата „Кирил Пејчиновиќ“ противзаконски е разрешен директор и не е постапено во согласност со насоките од записникот на просветните инспектори при констатитирањето на прекршокот, што е утврдено за време на контролниот надзор.

Најнов случај на констатирана нерегуларност е обидот на директорката на ОУ „Лирија“ за преземање вработени од други институции со лажна изјава за што известени се надлежните органи и институции за понатамошно постапување“, се наведува во соопштениетот од оваа институција.

Законите, како што додаваат, важат еднакво за сите и мора да се почитуваат.

Според МОН, раководството на Општина Тетово е свесно за прекрошоците што ги има направено и залудни се обидите да се даде политички контекст на реакциите на институциите и на голем дел од тетовските граѓани.

Потенцираат дека никој не е над законот и за непочитувањето треба да знае дека сноси одговорности и има последици.

Спонзорирано: