Владата ја усвои Интервентната програма за поддршка во земјоделството за 2024 година. Една од мерките е финансиска поддршка за сончоглед предаден во регистрирани капацитети за откуп директно или преку еден откупувач, каде земјоделските стопанства ќе се поддржат со 5 денари по предаден сончоглед кај регистрирани откупувачи.
Здружението на земјоделци производители на сончоглед заедно со директорот на „Кристал 1923“, Горанчо Лазов, по завршувањето на сезоната, заеднички побараа од Владата поддршка за новата реколта која поради неповолните временски прилики беше многу намалена.
-Поради лошото време приносот е многу мал, 1 200 тони од хектар, што споредено со лани е значително намален. Исто така и цената е пониска од лани па се доведуваме во ситуација да размислуваме дали да продолжиме со ова производство – изјави земјоделецот Миле Кебакоски од Прилеп.
Директорот на „Кристал 1923“ Горанчо Лазов им даде поддршка на земјоделските производители. Тој ја потенцираше важноста од поддршката на државата за оваа индустриска култура и земјоделците кои се кооперанти на компанијата.
Владата во неколку наврати покажала дека има разбирање за проблемите на земјоделците кога нивните барања се аргументирани и се во интерес на домашното производство на храна, особено за производи и култури за кои се одлеваат девизи за увоз.
Приказната за сончогледот има и многу важна порака која потврдува дека Договорното производство е најдобриот начин на соработка меѓу земјоделците и откупувачите и таа соработка почна пред 6 години со иницијативата на директорот на Велешка маслодајна или сега „Кристал 1923“ се организираше и поддржа од Владата. На иницијативата се придружија најголемите производители на сончоглед кај нас и „Биспромет“ од Битола, кои нудеа регрес семе и ѓубриво како поддршка за земјоделците за повисок и поквалитетен род. Ова заедничко делување на земјоделците, откупувачите и Владата беше успешно и од минималните 2000 тони производство, лани да се достигне 10 000 тони домашен сончоглед.
Враќањето на сончогледот на македонските ниви, таа успешна приказна на Договорно производство која започна во 2018 година, мора да продолжи.
Извор: Brif.mk