25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Џафери во Брисел на средба со европратениците: Евроинтеграциите остануваат во фокусот на Владата

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Талат Џафери, денеска во Брисел оствари средба со европратениците Илхан Кјучук, Тонино Пицула, Тинеке Стрик и Карло Реслер. Во владината делегација која ја предводи премиерот Џафери се и првиот заменик на претседателот за европски прашања, Бојан Маричиќ, и министерот за надворешни работи, Бујар Османи.

На средбата беа разменети мислења за европската интеграција на Северна Македонија, владините политики во пресрет на двојните избори во државата, како и за активностите на Владата кои произлегуваат од подготовките за успешното реализирање на Планот за раст.

На првата посета на Брисел како премиер, Џафери им посочи на европратениците дека Владата во Северна Македонија, ќе продолжи со истата динамика, посветеност и навременост да ги спроведува сите процеси и обврски кои произлегуваат од започнатите пристапни преговори со Европската Унија, во насока на забрзана европска интеграција.

Европратениците кои припаѓаат на различни политички групи, му честитаа на Џафери за премиерската функција, истакнувајќи ја силната поддршка за Северна Македонија во спроведување на реформските процеси и членството во ЕУ.

Премиерот Џафери нагласи дека членството во Европската Унија останува стратешка цел на земјава, за што постои висока поддршка кај граѓаните. На средбата беа разменети мислења за Планот за раст, кој е од голема важност за Северна Македонија, во насока на економски напредок, отворање на нови работни места, подобрување на животниот стандард на граѓаните, како и можност компаниите од државата да имаат пристап до делови од единствениот пазар на ЕУ пред членството.

Претседателот на Владата, Џафери, се заблагодари на европратениците за нивната поддршка на интеграцијата на Северна Македонија во Европската Унија, која е приоритет и токму поради тоа премиерот за свој надворешен советник го ангажираше Иво Вајгл кој со своето драгоцено искуство ќе придонесе кон забрзувањето на Европскиот пат. Премиерот побара натамошна поддршка од европратениците, во зајакнувањето на соработката и присуството на претставници од нашата земја во Европскиот Парламент.