25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Битиќи: Училиштето „Визбегово“ е израз на посветеноста на Владата да обезбеди еднаков пристап до квалитетно образование за сите

Новоизграденото и модерно училиште „Визбегово“ е израз на посветеноста на Владата да обезбеди еднаков пристап до квалитетно образование за сите, независно од нивното социјално потекло, припадност или место на живеење, изјави заменик претседателот на Владата за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи кој денеска заедно со државната секретарка во Министерството за образование(МОН), Билјана Казанџиска направија увид на ова училиште во скопската општина Бутел.

„Ова ново училиште не само што просторно ќе ги задоволи потребите за одвивање на квалитетен и непречен образовен процес, туку ќе служи и како центар за социјален и културен развој на децата. Со училници опремени за сеопфатна наставна програма, вклучувајќи ги општествените и природните науки, кабинети за музика и уметност, учениците ќе имаат можност да ги истражат и надградат своите различни интереси, вештини и таленти“, рече вицепремиерот Битиќи.

Тој нагласи дека со обезбедувањето сите деца, вклучително и тие со посебни потреби, да имаат пристап до квалитетно основно образование, се зацврстуваат темелите на поинклузивно и попросперитетно општество.

„Преку оваа училиште, како влада имаме за цел на идните генерации од овој дел на Скопје да им даде можност да развијат знаења и вредности кои се потребни и за нашата економија и изградбата на посветла иднина за сите. Образованието служи како камен-темелник на економскиот просперитет на нашата држава, играјќи клучна улога во поттикнувањето на иновациите, продуктивноста и севкупниот економски раст и развој“, рече вицепремиерот Битиќи.

Државната секретарка Казанџиска информираше дека околу 110 милиони денари инвестираше Владата, односно МОН во изградбата на ова ново, модерно основно училиште кое недостасуваше во населбата Визбегово, затоа што овој дел од Општина Бутел се урбанизира, се зголемува бројот на населението, а најмалите е неопходно да учат во близина на местото на живеење.

„Објектот има 20 училници, кабинети по општествени и природни науки, музичко и ликовно образование, лифт за лица со посебни потреби, библиотека и сето она што треба да го има едно модерно училиште. Капацитетот е за 1000 ученици, односно по 500 во една смена, со што, ќе се растеретат другите училишта од оваа општина, но и од Чаир и Шуто Оризари каде досега се запишуваа дечињата од оваа населба“, рече државната секретарка Казанџиска, притоа информирајќи дека годинава има најголем буџет за капитални инвестиции од над 1,3 милијарди денари, што е над 50% повеќе од ланскиот, средства со кои се планира да се реконструираат 90-тина училишни објекти, да се започне со изградбата на 5 нови и да се прошират просторните капацитети во постоечки 15-тина.