Министерството за култура во континуитет се грижи за одржување на темелните вредности на македонската култура и затоа и во 2024 година, во рамките на Годишната програма се поддржани значајни јубилеи и годишнини, како: 100 години од формирањето на првиот Археолошки музеј, 80 години од основањето на НУБ „Свети Климент Охридски“, 80 години Филхармонија, 75 години „Танец“, 20 години од трагичната смрт на претседателот Борис Трајковски. Ќе ги чествуваме и спомените на големите: Гане Тодоровски, Петре М. Андреевски, Томо Владимирски, Вангел Коџоман, Вангел Наумовски…
Заштитата на културното наследство останува во приоритетите на културните политики на Министерството за култура и Костадиновска-Стојчевска наброја некои од капиталните проекти од оваа област.
„Продолжува непосредната заштита на скопскиот Аквадукт и на црквата Света Богородица во Лешочкиот манастир; конзервацијата на Свети Ѓорги во Курбиново и на Сарајот на Нијази-бег во Ресен; непосредната заштита и реализација на проектот за конзервација и реставрација и препокривање на црквата Успение на Пресвета Богородица во Матејче; проектот за состојбата на црквата Успение на Пресвета Богородица во манастирот Трескавец; адаптација на Старото училиште во Љубојно во Центар за промоција на македонскиот јазик, како и заштитата и конзервацијата на културното наследство на Лазар Личеноски“, рече Костадиновска-Стојчевска.
Во делот на инвестициите, продолжува финансирањето на: Турски теaтар, Теaтар и библиотека во Тетово, Теaтар Куманово, реконструкција на Музејот на Северна Македонија, реконструкција, санација и адаптација на објектот на поранешното кино „Партизан“ при НУ Народен театар Битола во мултифункционален центар, реконструкција со надградба и доградба на објектот Универзална сала.