24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.ЛОКАЛНО

Герасимовски: Здружението за пензионери Центар одбележува 70 години од постоењето

Градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски оствари средба со претседателот на Здружението за пензионери од Центар, Злате Стефановски и претставници од ова здружение кое годинава одбележува 70 години од основањето. На средбата стана збор за посветеноста на општината за унапредување на здравјето и правата на пензионерите преку проектите од областа на културата, социјално-здравствената заштита, спортот итн, кои Општината Центар ги спроведува за повозрасните граѓани на општината. Здружението на пензионери на Центар има 11.000 членови, а основано е на 22 јануари 1954 година. Во истата пригода Герасимовски доби и благодарница од Здружението во име на посветеноста и успешното реализирање на проектите кои се од големо значење за пензионерите.

„Искрено благодарам на доделеното признание за посветеноста, соработката и проектите кои општината ги прави за вас пензионерите. Вие сте нашите татковци и мајки и вие го заслужувате најголемото внимание. Затоа наша задача е да се грижиме за вашето здравје преку реализирање на нови проекти значајни за вас. Овој значаен јубилеј во себе содржи многу вложен труд, знаење и искуство на генерации и генерации кои беа активни членови на здружението и кои делуваа во пензионерското организирање во Општина Центар. Здружението на пензионери е синоним за најурбаното, најградското здружение на пензионери со традиција и култура која опстојува и денес. Ќе продолжиме да ја негуваме и издигнеме оваа наша соработка на уште повисоко ниво и се надевам дека во периодот што следи ќе успееме да ги реализираме сите ваши барања и потреби“, истакна Герасимовски.

Општина Центар го има најдобриот проект за пензионерите „Нега за стари лица во домашни услови“ преку кој пензионерите од Центар добиваат професионална нега од лиценцирани физиотерапевти, негуватели и социјални работници во домашни услови. Општина Центар за пензионерите обезбедува и бесплатни стоматолошки услуги и во последните две години издвои 6.800.000 денари финансиска поддршка за пензионерите со пензии до 20.122 денари. Минатата година општината отвори три нови пензионерски клуба и обезбеди нови и поголеми простории за пензионерскиот клуб „Невена Георгиева Дуња“ близу Заводот за рехабилитација во Капиштец.
Општина Центар ќе остане силно фокусирана да им обезбеди спокојни пензионерски денови на највозрасните граѓани во општината.