Centar.mk
ЛОКАЛНОвест

Герасимовски: 25 квалитетни и посветени асистенти ќе се грижат за учениците со посебни образовни потреби во Општина Центар

Општина Центар во второто полугодие ангажира 25 лични асистенти за ученици со посебни образовни потреби во училиштата на своја територија. На последниот јавен повик бројката беше надополнета со квалитетни и посветени кадри. Дополнителна мотивација за пријавување на јавниот повик за овие позициии беше и зголемувањето на месечниот надомест од 12.000 денари на 15.000 денари, за работен ангажман со скратено време од 20 работни часа неделно.

Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски одржа средба со асистентите, им се заблагодари за ангажманот, трудот и хуманоста:

,,Ви благодарам за сето она што го правите за да ги вклопиме овие деца во образовниот систем. Ја знаеме тежината на вашата работа и затоа се потрудивме дополнително да ве мотивираме, во рамки на можностите на Општината, која финансиски целосно стои зад овој хуман проект. Капа долу за вашиот ангажман. Ја препознавме големината на овој проект и останавме единствена локална самоуправа што го спроведува со свои сопствени сили“, истакна Герасимовски.

Дел од асистентите кои и по седум години го продолжуваат договорот со Општина Центар, зборуваа за предизвиците и потешкотиите со кои се судруваат во пракса. Истакнаа дека имаат одлична соработка со наставниот кадар, но и дека секој случај е специфичен и бара посебна експертиза и грижа. Потенцираа дека сензорните соби кои се поставени во речиси сите центарски училишта се од големо значење за нивната работа.

Општина Центар покрај образовните асистенти од Министерството за образование и наука во рамки на проектот „Образование за сите“ работно ангажира и лични асистенти кои целосно самостојно ги финансира, годинава со 3.500.000 денари. Во осумте општински основни училишта во моментов со ученици со потешкотии во развојот работат 25 асистенти и истите веќе две години работеа и за време на летните распусти.
Покрај овој проект, градоначалникот Горан Герасимовски потпиша и Меморандум за соработка со Црвениот Крст преку кој овозможи бесплатен превоз до болница за лицата над 18 години кои користат ортопедско помагало, инвалидски колички, дубаци и одалки или кои поради болест се во лежечка состојба односно неподвижни. Корисниците на оваа мерка имаат бесплатен превоз во еден правец максимум 10 пати во текот на 1 година и истиот треба да го закажат најмалку 24 часа однапред.

Можеби ќе ве интересира

Герасимовски: Центар вечерва пее со најмладите на „Детелинки“ , фестивал на оригинални песни и детски таленти

ДЕСК

Акција за отплата на долгови без пресметка на камата до 05.06.2026 година

ДЕСК

Герасимовски: На 9 Мај „Нож и виљушка на европска чинија“, гастрономија, музика и дружење во Центар

C +