26. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Формиран Советот за координација на НАТО активности: Порака за силно единство во безбедноста, и во Владата и со нашите сојузници

Во Владата на Република Северна Македонија денеска започна инаугуративната седница на Советот за координација на активностите поврзани со членството на Република Северна Македонија во НАТО Алијансата. Настанот е во заедничка организација со Британската амбасада во Северна Македонија, со чија поддршка е реализирано формирањето на Советот во рамки на проект за поддршка на Директоратот за НАТО во Министерството за надворешни работи. Советот беше формално усвоен на Владина седница во јануари 2024 година како формален меѓувладин механизам за координација на прашањата поврзани со националната безбедност и одбраната поврзани со НАТО.

Инаугуративната седница ја отвори и прв се обрати премиерот, Талат Џафери. Во своето обраќање тој истакна: „Пред се, овој Совет денеска, ја потврдува нашата посветеност на безбедноста низ единството, и нашата силна врска со нашиот сојузник и поддржувач – Обединетото Кралство.

Во услови кога светот се соочува со нарушена безбедност, со предизвици за нашите демократски вредности и принципи од страна на авторитарните актери, секој заеднички потфат е придонес во одржувањето на стабилноста и безбедноста, како и на зацврстувањето на нашата позиција како фактор на стабилност на регионот. Токму тоа е ефектот кој очекувам да го постигне и овој Совет. Меѓутоа, ние не сме само фактор на стабилност во регионот. Ние придонесуваме рамноправно и рамо до рамо со нашите други сојузници во НАТО, моментално 31, а наскоро 32, во зачувувањето на мирот на над милијарда граѓани со кои ги делиме истите демократски определби за мир и стабилност.”

Свое обраќање имаше и британскиот амбасадор Метју Лосон, кој потенцираше: „Оваа година НАТО слави 75 години од основање на организацијата. НАТО е најуспешниот одбранбен сојуз во историјата во чии рамки повеќе од една милијарда луѓе живеат во побезбедно и посигурно опкружување. Првиот состанок на Советот за координација на активностите поврзани со членството на Северна Македонија во НАТО денес е дел од британската поддршка кон земјата, како наш силен НАТО партнер. Работиме и со други НАТО партнери за да ја обучиме баталјонската група да биде подготвена за распоредување до 2026/27. Спроведуваме и обуки за извидување и други обуки на Криволак. Ве поддржуваме во градење на капацитети за цивилно – воена соработка во Министерството за надворешни работи и во исчекување сме на проширување на оваа соработка и со други министерства”.

На настанот се обрати и министерот за надворешни работи Бујар Османи, со фокус на следново: „Изминатите години остваривме значајни резултати и се докажавме како кредибилен и сигурен сојузник, посветен на промовирање на регионалниот мир и стабилност и одржување на колективната безбедност. Но, неопходно беше Северна Македонија да воспостави Совет за координација на активностите кои произлегуваат од членството во Алијансата. Заради тоа, Министерството за надворешни работи го иницираше формирањето на ова тело, со кое се овозможува синхронизирана, ефикасна, но пред се интегрирана меѓу-ресорска соработка и консултации за сите прашања кои произлегуваат од членството во Алијансата. Значајно е да напоменам дека во процесот на имплементација на оваа иницијатива, добивме советодавна поддршка од Обединетото Кралство, како наш значаен НАТО сојузник, во рамки на проектот за менторство и градење на капацитетите на Директоратот за НАТО и политичко-безбедносни прашања при Министерството за надворешни работи.”