24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Кој сака да го попречи сонцето да испорача поевтина струја за 94 илјади семејства во Македонија?

Кој сака да го попречи сонцето да испорача поевтина струја за 94 илјади семејства во Македонија?

Зоран БОЈАРОВСКИ

Според досега објавените и познати информации, соларниот парк “Стипион“ ќе ги задоволува потребите за струја на околу 94.000 домаќинства. Инвестицијата вредна 270 милони евра со капацитет за произвоство од 360 до 400 мегавати, а ќе ја реализира француската компанија „Акио Енерџи“ преку Друштвото за производство на електрична енергија „ОСТРО СОЛАР” – Скопје.

Со капацитет од околу 400 MW, соларниот парк ќе биде најголемиот соларен проект во Источна Европа и помеѓу најголемите во Европа.

Проектот има капацитет од скоро половина од вкупниот инсталиран капацитет на сите термоелектроцентрали во Северна Македонија. Соларниот парк самостојно би задоволувал околу 10% од нето потрошувачката на електрична енергија во државата.

Лоциран на подрачјето за претходно планираниот карго аеродром во Општина Штип, наместо да троши енергија, оваа подрачје сега преку овој проект ќе произведува енергија.

Времетраењето на овој проект е 30 години, што овозможува ниска и контролирана цена на електричната енергија од страна на државата во овој период, избегнувајќи значителни негативни флуктации на енергетските пазари како во претходните години. Ова ќе овозможи и предвидливост и осигурување од енергетска зависност како резултат на геополитички кризи како што е војната во Украина и на Блискиот исток.

Инвестиции за пониски сметки за струја и за топлинска енергија

Определбата државата да ги гради овие централи за претседателот на Регулаторната комисија за енергетика Марко Бислимоски е легитимно. Вели дека со најавените стратешки инвестиции граѓаните ќе добиваат пониски сметки за топлинска енергија и сметки за струја со стабилни цени.

„Овој концепт на приватни инвеститори се применува во Европа и според овој модел државата добива однапред утврдена цена што е пониска од онаа што ја има ЕСМ. Во последните 33 години околу 85% од инвестициите во енергетиката се приватни“, истакнува Бислимоски.

Со влезот на стратешките енергетски инвестиции ќе се зголеми енергетската независност на земјава и сметките за парно ќе се преполоват, изјави Марко Бислимоски, претседател на Регулаторната комисија за енергетика во интервју во утринската емисија на Слободен печат.

„Одлично е што ќе имаме конечно француска инвестиција и заедно со реализацијата и на грчката инвестиција во енергетиката граѓаните може да очекуваат стабилни сметки за струја и пониски сметки за топлинска енергија. Во исто време поради ниската цена ќе се зголеми интересот за приклучување кон мрежата за топлинска енергија и ќе се ослободат количини што ЕСМ ги произведува на ниво од два блока во РЕК Битола. ЕСМ ќе може да продава струја на берза и парите да ги насочи кон инвестиции. Концептот на приватни инвеститори во случајов стратешки е применуван секаде во Европа. Тоа е модел каде приватниот инвеститор гради енергетските капацитети, а енергенсот се откупува по однапред утврдена цена што е пониска од онаа што ја има ЕСМ. Сега ЕСМ ја продава струјата на ЕВН хоме по цена од 58 евра за Mw/h, додека од стратешките партнери ќе изнесува 55 евра за Mw/h. Внимавајте при што доминантно струја е од РЕК Битола од јаглен, чие производство ќе поскапе поради данок од ЕУ од 70/80 евра за Mw/h што значи дека цената ќе достигне до 150 евра. Дај боже да има уште повеќе инвеститори и од увозна земја ќе станеме земја што извезуваме струја. Само во 2023 ја преполовивме количината што се увезува поради приватните инвестиции и тоа е одлична работа“, изјави Бислимоски.

„Акио Енерџи“ е еден од најдоверлвите партнери во енергетиката

Стратешкиот инвеститор „Акио Енерџи“ е глобален производител на енергија од обновливи извори од Франција и компанија која што има спроведено повеќе од 80 финансирани проекти ширум светот и со повеќе од 450 вработени.

Вкупните инвестиции на „Акио Енерџи“ на крајот од 2021 година изнесувале 2,8 милијарди евра, додека во моментов градат сличен проект од 380 MW во Португалија.

„Акио Енерџи“ е една од првите компании во Франција која го развила и применила концептот на агриволтаици, и успешно го применува на разни проекти во Франција и во останатите делови од Светот.

Имајќи во предвид дека Северна Македонија е погодна за развој на земјоделието, токму овој инвеститор преку овој проект, ќе ни обезбеди додадена вредност како држава, со примена на неговото знаење и искуство, ќе се развие првиот проект на агриволтаици, меѓутоа ќе биде пример за развој и на останати вакви проекти, кои треба да обезбедат и одржливо производство на електрична енергија но и храна и развој на земјоделските култури. Ова е предизвикот на новото време, и токму овој проект обезбедува сигурна иднина на новите генерации.

Обезбедување на финансирањето за реализацијата на стратешкиот инвестиционен проект е целосно обврска на стратешкиот инвеститор – нема да бидат користени државни средства за реализација на проектот.

Стратешкиот инвеститор обезбеди банкарска гаранција во износ од 8.100.000 евра како обезбедување за реализацијата на стратешкиот инвестиционен проект, а во согласност со Законот за стратешки инвестиции.

„Стипион“ е една од најголемите стратешки странски инвестиции и прва голема француска инвестиција во Северна Македонија и кога беше промовиран овој проект во 2021 година претседателот на француската компанија Ерик Ското, кој по тој повод допатува во земјата истакна дека компанијата „Акио“ е среќна што доби можност за стратешка инвестиција и тоа го оцени и како одраз на одличните француско-македонски односи.

„Гарантирам дека Акио ќе биде на висина на задачата во служба на вашите граѓани“, рече тогаш Ерик Ското, претседател на француската компанија „Акио енерџи“ .

Амбасадорот на Република Франција во земјата Сирил Бомгартнер од своја страна нагласи дека стратешката инвестиција на „Акио Енерџи“, со подрдршка на македонските политики за поттикнување на странските инвестиции, говори за посветеноста на највисоко владино ниво во секоја од нашите земји билатералните односи добија на интензитет на доверба на суштина.

Стратешки инвестиции за целосна енергетска независност

Законот за стратешки инвестиции беше изгласан пред пет години, а на последниот повик што се затвори на 31 јануари 2023 година имаше над 16 различни апликации од кои осум имаат потенцијал да добијат статус на стратешки инвеститор. Седум од стратешките инвеститори се од областа на енергетиката, а еден од областа на туризмот кој е заинтересиран за инвестиции во скијачкиот центар Попова Шапка. Сите четири потенцијални стратешки инвеститори веќе имаат доставено банкарска гаранција, а според бизнис плановите кои ги имаат доставено, вкупно ќе инвестираат 786 милиони евра.

Со реализација на седумте енергетски инвестиции државата ќе добие енергетска независност и долгорочна предвидливост на цените на електричната енергија.

Договорено е целата произведена струја од фотонапонскиот парк „Стипион“ со инсталиран капацитет од 400 мегавати и предвидена инвестиција од 270 милиони евра, во следните 30 години да ја откупува ЕСМ по гарантирана цена од 56 евра за мегават час, а балансирањето да оди на заеднички товар на АКУМА и ЕСМ. На таа цена ќе може да се додаде и годишна инфлација од максимум 2 отсто, но согласно инфлацијата на еврозоната.

Извор: Racin.mk