25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Богоев: Од денес камионите со стока кои увезуваат или извезуваат во Србија се мерат само еднаш

Од денеска македонските компании кои увезуваат, извезуваат или транзитираат низ Србија, камионите со стока ќе ги мерат само еднаш, што за македонското стопанство ќе значи заштеда на време и пари. Директорот на Царинска управа на РС Македонија Стефан Богоев и директорот на Царинска управа на Србија, Бранко Радујко минатиот месец потпишаа Меморандум за признавање на белешките од мерење на царинските терминали т.н. кантарски белешки помеѓу двете земји.

Богоев истакна дека потврдата од српска царина за мерењето ќе важи и кај нас, а нашата ќе важи и на нивна страна.

„На пример, доколку македонска компанија извезува во земји од Европска Унија, камионот се мери на излез од Македонија, на граничен премин Табановце, потоа на влез во Србија не се мери. Камионот транзитира низ Србија, стигнува на српско-хрватска или српско-унгарска граница, повторно на излез од Србија кон Хрватска или Унгарија не се мери, туку се мери при влез во Хрватска или Унгарија“, потенцира Богоев.

Заклучно со ноември 2023 година трговската размена со Србија изнесува 985,9 милиони евра, при што извозот е 365,9 милиони евра или 2,9 проценти повеќе од претходната година. Притоа целиот увоз, извоз и транзит се одвива преку граничниот премин Табановце на кој минатата година на влез се евидентирани речиси 140 илјади товарни моторни возила, а на излез 170 илјади камиони.

„Сите овие товарни возила на влез и на излез се мереле два пати, еднаш во Македонија и еднаш во Србија, а од денеска сите овие товарни возила ќе се вагаат само еднаш, што за компаниите ќе значи заштеда на време и пари. Ветив дека Царинската управа ќе делува како сервис на бизнис заедницата, се со цел создавање услови за зголемување на нивната конкурентност на меѓународниот пазар. Чекор по чекор со ваквите мерки овозможуваме остварување на тие цели“, вели Богоев.