Во ДПМНЕ се нервозни заради изборниот пораз што ги чека, токму затоа од самиот почеток, законската обврска за техничка влада која единствена цел има да организира фер и демократски избори бараше начин да ја проблематизира, рече пратеникот на СДСМ Дарко Каевски денеска во македонското Собрание.
-Целта на ДПМНЕ беше алиби за Мицкоски во белиот дворец поради фактот дека Ковачевски ќе биде повторно премиер а СДСМ со европската коалиција ќе ја формира наредната проевропска Влада. Но, тоа е проблем на ДПМНЕ со којшто допрва ќе треба да се соочи после поразот на изборите, рече Каевски.
СДСМ заедно со коалициските партнери предложи министри во техничката Влада, искусни, компетентни, одговорни и посветени кадри кои секако дека ги поддржуваме затоа што веруваме во нив, рече Каевски, додавајќи дека од друга страна ДПМНЕ за техничката влада понуди слаби и нестручни кадри.
-Дел од предложените кандидати за во техничката влада се лични пријатели на Христијан Мицкоски, дел се поранешни функционери во град Скопје а дел се кадри од времето на Груевски. И ниту еден нема зад себе некаков резултат. Напротив. Заклучокот е дека ДПМНЕ нема никаква програмска понуда а сега уште еднаш потврди дека нема ниту кадровски потенцијал, рече Каевски.
Но, тоа што ДПМНЕ предлага министри и учествува во техничката Влада а од друга страна не сака да ги поддржи, говори прво дека немаат верба ниту во своите кадри, рече Каевски.
-Второ покажува до кое ниво дојде опозицијата која постојано нешто бојкотира, кочи, дојде ред своите предлози да ги бојкотира. Но во суштина, тоа една матрица на немање став, немање лидерство, немање капацитет да се донесе одлука, уште помалку да се направи нешто за граѓаните. Како што беше и за францускиот предлог, се правеа драми во Собранието и надвор од него. Тука се попречуваа пратеници да говорат, се урлаше и се тропаше. Надвор се фрлаа молотови коктели. Но кога требаше да се гласа пратениците од ДПМНЕ не гласаа. Исто така се лажеше народот дека ќе имало бугаризација и асимилација а не гласаа за Договорот Фронтекс со кој македонскиот јазик стана дел од ЕУ, рече Каевски.
Така беше и за пакетите економска помош за граѓаните, среде пандемија и економска и енергетска криза не се поддржаа антикризните мерки, додаде Каевски
-Однесувањето и гласањето на оваа седница од една и негласањето на пратениците на ДПМНЕ од друга страна ја покажува разликата помеѓу одговорноста на пратениците од СДСМ и мнозинството од една и деструкцијата на опозициските ДПМНЕ и Левица од друга страна. Како што впрочем беше и во минатите 4 години, рече пратеникот на СДСМ, Дарко Каевски денеска во Собранието за време на изборот на техничката Влада.