27. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.БИЗНИС

Средба Ангeловска-Бежоска − Шукова: Соработка во делот на зелената транзиција и справување со климатските промени

Почнувајќи од 2020 година, Народната банка постојано презема повеќе мерки и активности за поттикнување на зелената трансформација на нашата економија. Меѓуинституционалната соработка, координираниот национален пристап и градењето системи за поголема отпорност и ублажување на штетите е од суштинско значење за справувањето со климатските промени коишто се идентификуваат како најголемите ризици во светот на кус и на долг рок. На средбата којашто се одржа во Народната банка помеѓу гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска и министерката за животна средина и просторно планирање, Каја Шукова, беше договорена соработка помеѓу двете институции, којашто ќе се состои од размена на релевантни информации и податоци за изработка на квалитетни анализи и политики.

Ефектите од климатските промени ги засегаат сите општествени сфери, вклучително и финансиите, поради што сѐ поголем број централни банки во својот мандат ги вклучуваат активностите за справување со климатските промени и поддршка на зелената транзиција. На средбата, гувернерката истакна дека Народната банка во целост го препознава значењето на климатските ризици, како за економијата во целост, така и за финансискиот систем и во рамките на своите надлежности, а изминативе неколку години редовно презема мерки. „Неодамна го донесовме првиот Среднорочен план на активностите на Народната банка во доменот на управувањето со климатските ризици. За зајакнување на отпорноста на банкарскиот систем на климатските ризици, воспоставивме статистика за зелено финансирање и усвоивме Насоки за банките за начинот на управување со ризиците поврзани со климатските промени. Исто така, ги направивме и ги објавивме првите анализи за изложеноста на банкарскиот систем на физичките и транзициските ризици поврзани со климатските промени, коишто се темелат на тековно расположливите податоци во овој домен“, посочи гувернерката.

„Нѐ радува фактот дека прашањето на координиран одговор на заканите од климатските ризици добива сѐ поголемо значење и станува дел од стратегиските определби на Народната банка, особено кога станува збор за нивно превентивно препознавање и соодветно финансирање. Во идните активности на Министерството ќе се продолжи со развивањето на меѓуинституционалната соработка и со поддршката на активностите за донесување критериуми за одржливо и зелено финансирање, како и на размената на податоци и информации“, истакна Шукова.

На средбата беше истакнато значењето на располагањето со квалитетни податоци за изработка на анализи за потенцијалните ефекти од климатските промени врз економијата и финансискиот систем, за што е потребна меѓуинституционална соработка со надлежните институции како Министерството за животна средина и просторно планирање. Оттаму, гувернерката и министерката изразија заложба за понатамошно продлабочување на соработката помеѓу двете институции и размена на релевантните податоци.