„Спречувањето злоупотреба на државни ресурси во партиски цели беше причината за воспоставување на концептот на техничка влада пред избори. Одбивањето да се идентификуваат и учествуваат во таква влада гласајќи ја сосе премиер, затоа, не може да се толкува поинаку од обично оставање простор повторно етно-партиски да оспорат изборен исход од значење за нацијата – политичко мнозинство што ќе ги отвори европските преговори низ изгласување на потребните уставни дополнувања“ пишува Ивон Величковски на Фејсбук.
Тој додава дека има повторувања и сличности на ситуацијата денес и во 1994 година, кога ВМРО-ДПМНЕ ги бојкотираше изборите.
„На тие избори ВМРО-ДПМНЕ отиде како опозициска партија, бидејќи 1990/91 одби да прави влада со партии на Албанците, а од 1993 ‘го бранеше идентитетот’ отфрлајќи го референтното име со кое Македонија стана членка на ОН и низ Времената спогодба ги уреди односите со Грција и излезе од ембарго. Оспорувајќи ги и потоа бојкотирајќи ги, ВМРО-ДПМНЕ се исклучи од значајните процеси во земјата, од приватизацијата до фаќањето чекор со Агендата 2000“ пишува Величковски.
Сепак, додава тој, по Кичевскиот конгрес во 1996 година, ВМРО-ДПМНЕ ги прифати и ПЈРМ и Времената спогодба и приватизацијата со сите следствени општествени, политички и економски последици, како што се одвојувањето на Македонија од Словенија со што беше изоставена од првиот бран проширување на НАТО и ЕУ и останувањето на Македонија во зоната на „Српскот свет“ на Милошевиќ, поради што се случи 2001.
„Северна Македонија дури по 20 години излезе од трауматичниот застој. Со силни (домашни, регионални, континентални и меѓународни) напори низ Рамковниот договор, Тиранската платформа, Софискиот и Преспанскиот договор. Со нив дојде до посакуваното: граѓанска држава каде Македонците ја остваруваат својата конститутивност во земја – членка на НАТО, со уште една цел: полноправно членство во ЕУ“ пишува Величковски.
Тој додава дека денес ВМРО-ДПМНЕ во основа одбива да гласа за премиер на техничка влада – Албанец и пак го „брани идентитетот“ отфрлајќи го (Протоколот по) Софискиот договор со кој Северна Македонија треба да почне преговори за членство во ЕУ.
„Препознавајќи ги сличностите на обидот Северна Македонија да остане во туѓа зона на (анти-западно влијание) корисно е да се потсети и дека ВМРО-ДПМНЕ на 27 април 2017 проба да спречи политичко мнозинство според волјата на граѓаните за европски и евроатлантски правец на државата. Тој вид мнозинство е спротивен на концептот на двопартиска кохабитација низ окупација на етничката претставеност. Спречувањето злоупотреба на државни ресурси во партиски цели беше причината за воспоставување на концептот на техничка влада пред избори“ пишува Величковски.