27. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Ковачевски: Со Програмата за наводнување создаваме услови за зголемено и конкурентно производство на земјоделски производи и храна

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски денеска присуствуваше и се обрати на свеченото потпишување на Договорот за имплементација на четирите системи за наводнување по долината на реката Вардар како дел од Програмата за наводнување на Северна Македонија. Во своето обраќање, премиерот Ковачевски истакна дека со Програмата се овозможува наводнување на нови над 13.000 хектари земјоделско земјиште, што е од исклучителна важност за развиено и конкурентно земјоделство, за зголемено производство на домашни земјоделски производи и зголемено производство на храна.

Во продолжение ја пренесуваме интегралната изјава на премиерот Димитар Ковачевски:

„Денешниот настан е уште еден показател за посветеноста на Владата за развој на земјоделството, како сектор кој е еден од носечките столбови за развој на економијата.

Денеска се потпишува Договорот за имплементација на 4-те системи за наводнување по долината на реката Вардар, дел од програмата со која се овозможува наводнување на нови над 13.000 хектари земјоделско земјиште, што е од исклучителна важност за развиено и конкурентно земјоделство, за зголемено производство на домашни земјоделски производи и зголемено производство на храна.

Имплементацијата е од страна на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, а активноста опфаќа изградба, рехабилитација и проширување на 4 системи за наводнување по долината на реката Вардар (Страиште, Лисиче, Конско и Пепелиште), како и изградба на мали хидро централи на Лисиче и Конско.

Реализацијата на оваа Програма е овозможена со поддршката на Кредитната банка за обнова-КфВ од Сојузна Република Германија преку заем од 80 милиони евра и грант од 2,8 милиони евра за поддршка на земјоделците и земјоделските задруги во областите опфатени со хидросистемите. Со тоа се обезбедува 70 проценти од потребните средства за реализација на Програмата за наводнување, додека 30% ќе се обезбедат преку буџетски средства.

Имплементацијата на Програмата за наводнување во нашата земја ќе овозможи создавање на модерни и ефикасни системи за наводнување кои ќе го зголемат хидропотенцијалот и обемот на земјоделското производство и ќе ги намалат економските загуби.

Реализацијата на оваа Програма е во линија на нашите заложби за создавање модерно земјоделство по европски терк, со што ги решаваме децениските проблеми на нашите земјоделци.

Реализиравме бројни проекти од водостопанството, инвестираме во сите региони. Овозможивме изградба на нови и реконструкција на постојните системи за наводнување, за да осигураме стабилни и богати приноси и да бидеме уште поконкурентни на европските и светските пазари.

Тука би издвоил неколку клучни инвестиции, како што е браната Конско во вредност од 40 милиони евра, чија што изградба започна пред три и пол години и веќе е во завршна фаза. Ова е најголемиот капитален проект за водоснабдување во последните 50 години.

Потоа, реконструкцијата на пумпната станица за наводнување „Дебарско Поле”, изградбата на системот за наводнување Колибари во вредност од близу 2 милиони евра, како и системите за наводнување Славишко Поле, Конопница, Теарце, Чаушица, Пишица, но и двата нови системи кои се планирани во Сопот и Новаци.

Еден од нашите врвни приоритети е стимулирање на домашното производство на храна. И сѐ што носиме како мерки се во таа насока, да ги мотивираме земјоделците преку соодветна поддршка да произведуваат повеќе, да го цениме нивниот труд.

За прв пат воведовме авансна исплата на субвенциите. 30% од основните субвенции во вкупна вредност 162 милиони евра се исплатени на сметките на 58.300 земјоделци.

Ги поддржуваме младите земјоделци, ја креиравме мерката за породилно отсуство на жените земјоделки која се воведува за прв пат, ги помагаме малите бизниси, а со новата мерка „Бизнис план“, овозможивме помош за набавка на производствена опрема и механизација. А, сега и понудивме за обработка и државно земјиште кое се става на располагање на сите оние кои имаат визија за својата иднина.

Со правилни политики, успеавме да ја отвориме земјата кон повеќе ЕУ фондови и денес Северна Македонија е лидер по искористеност на средства од ИПАРД програмата со високи 97% искористеност.

Земјоделството е еден од врвните приоритети на оваа Влада и изминатите скоро 7 години ставивме фокус на развојот на овој сектор. Нашата цел е да имаме повеќе домашна храна, да создадеме модерно и конкурентно земјоделско производство по европски терк, со мотивирани и задоволни земјоделци, да го издигнеме овој сектор на ниво на профитабилна и базична гранка, на која ќе го темелиме економскиот раст.

За крај, упатувам честитки до министерот Николовски и до неговиот тим вклучен во креирањето на развојните политики за земјоделството.

Воедно, сакам да се заблагодарам на континуираната поддршка од Сојузна Република Германија и КфВ банката, што ја добиваме за реализација на проекти од областа на земјоделството, образованието и енергетиката.

Ви благодарам и со среќа!“