„Поради зголемениот авторитаризам во земјата, поради прекумерниот национализам во непосредните години по војната, а потоа и поради отфрлањето на регионалната соработка и отфрлањето на терминот ‘Западен Балкан’, Хрватска не успеа да влезе во Унијата не само со десетте земји кои ѝ се приклучија во 2004 година, туку и со Бугарија и Романија во 2007 година“ пишува Ерол Ризаов во неговата колумна за „Дојче веле“ и истакнува дека може да се повлечат паралели со случувањата и политиката во земјава.
Тој пишува дека како што Туѓман со својот скептицизам и национализам го одложи влезот во ЕУ и НАТО на Хрватска за дечиси десет години, така и Груевски, врвот на ВМРО-ДПМНЕ и поранешниот претседател Ѓорѓе Иванов со нивниот скептицизам и прогласување на Александар Македонски за татко на нацијата го одложија македонското членство во ЕУ на неодреден рок.
„Што да се каже за бесмислената маргинализација на словенското потекло што во ерата на режимот на Груевски се сметаше за навреда да се зборува за некакво словенско потекло на Македонците и на македонскиот јазик. Со тоа, Македонија не само што изгуби многу влијателни пријатели во светот, туку плати и прескапа цена за кичерајскиот задоцнет барок и рококо, градејќи грди зданија и споменици кои служат за потсмев во светот“ пишува Ризаов.
Во колумната тој наведува дека со десетгодишното членство во ЕУ, Хрватска добила многу. Само од 2020 до 2026 година Хрватска добила – или треба да добие – повеќе од 20 милијарди евра неповратна финансиска поддршка од европските фондови. Тоа е 36 отсто од нејзиниот БДП во 2019 година. Пред десет години хрватскиот бруто домашен производ по жител беше 59, а сега е 73 отсто од просекот на целата Унија.
Но, сепак, ставовите на Хрватите пред членството кон ЕУ биле многу слични со ставовите на граѓаните на земјите кандидати од Западен Балкан сега, односно се појавувала нишка на евроскептицизам.
Само 28 отсто до граѓаните имале позитивен став за ЕУ во Хрватска во 2005 година, а 49 отсто од населението сметале дека Хрватите ќе го загубат правото на својот јазик со членството. Мнозинството граѓани денес веруваат дека членството во ЕУ има многу повеќе предности отколку недостатоци. Земјата е позаштитена од кога било досега. Малкумина денес тврдат дека Хрватска го загубила својот суверенитет со влезот во Унијата.