25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Возење во услови на снег и мраз на коловозите

Деновиве се карактеризираат со пониски температури и снежни врнежи. Затоа РСБСП потсетува на неопходноста од внимателно возење и користење на зимска опрема за возилата. Пред да тргнете на предвидената дестинација подгответе го возилото и прилагодете се на зимските услови на патиштата. Користете зимска опрема и направете проверка на антифризот, горивото, бришачите и течноста за бришачите на ветробранското стакло, проверка на акумулаторот и на пневматиците. Исто така препорачуваме да обезбедите и средство за одмрзнување на стакло и брави, како и лопатче, метла, полнач за телефон и сл.

РСБСП препорачува одговорно да се управува со моторните возилз имајќи ги предвид условите на снежни врнежи, магла, влажни и лизгави коловози, со што ќе се придонесе за зголемена безбедност на сите учесници во сообраќајот.

Истражувањата покажуваат дека неповолните временски услови може да резултираат со намалена видливост, деконцентрација на возачите, продолжување на сопирачкиот пат на возилото и слично. Сето ова може да го зголеми времето на реакција на возачите за 13 до 75%, зголемувајќи ја веројатноста за сообраќајна несреќа. Се смета дека во зимските услови и снежни врнежи на патот реакциите на возачите се забавуваат за 34%.

Затоа РСБСП упатува апел: Користете зимска опрема и прилагодете го возењето според условите на патот. Сите заедно да придонесеме за безбедно одвивање на сообраќајот на патиштата.