23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.БИЗНИС

Спречена голема измама во Македонија – се обиделе да ја ограбат државата со фиктивни фактури!

Спречена е голема измама со поврат на ДДВ од над 160 милиони денари. Три компании кои биле регистрирани за трговија со нафта и нафтени деривати на големо и мало и петмина добавувачи со лажни фактури сакале да добијат поврат на ДДВ и исплати по основ на Данок на личен доход.

Компаниите иако биле регистрирани за трговија со нафта, немале лиценци за оваа дејност.

Директорката на УЈП, Сања Лукаревска на денешниот брифинг со новинарите објави дека шемата за исплата на фиктивен ДДВ е навреме откриена и нема штета на Буџетот.

Даночните службеници спречиле исплати за поврат на ДДВ од 160 117 130 денари и за Данок на личен доход од 18 969 998 денари.

Според информациите кои ги сподели УЈП, направени се контроли кај три нафтени фирми и кај пет добавувачи на нафта.

Откриено било дека фирмите немаат лиценци за трговија со нафта, ниту имаат складишта за нафта, ниту бензински станици, ниту пак залихи како што било наведено на документите.

-Во сите случаи е утврдена меѓусебна поврзаност од различни аспекти што упатува на сомневање дека се работи за однапред осмислена и добро разработена шема на делување при што со издавање и примање на фиктивни фактури направен е обид за изигрување на законот и стекнување на противправна имотна корист, рече Лукаревска.

За овие случаи доставени биле писмени пријави со докази до Основното јавно обвинителство и Министерството за внатрешни работи на 15 ноември 2023 година, а до Управата за финансиска полиција на 1 декември 2023 година.

Како што информираше Лукаревска, даночните службеници ги спречиле исплатите и Буџетот не е оштетен.

-Нема оштетување на Буџетот затоа што даночните службеници спречиле исплати за поврат на ДДВ од 160.117.130 денари и за Данок на личен доход од 18.969.998 денари. Со тоа што навремено сме известиле и сме ги превенирале овие состојби нема штета на Буџетот, информираше Лукаревска.

Инспекторите извршиле три контроли по основ на ДДВ, една контрола по основ на Данок на личен доход, една контрола на увид во состојба на залихи односно попис, како и пет контроли на деловни односи, а во тек е за завршен обврзник и по завршување на контролата на ДДВ отворен е налог за данок на добивка и данок на личен доход.

Лукаревска додаде дека УЈП не може да ги објави имињата на даночните обврзници поради тоа што се обврзани на даночна тајна.