За неколку дена, има два неповрзани случаја на голема кашлица. Едниот е од Кичево, а вториот случај е шестмесечно бебе од Скопје, кое веќе е хоспитализирано во „Козле“. И двете се невакцинирани со ди-те-пер.
Она што загрижува е дека ова заразно заболување е раширено, има и епидемија во некои градови во регионот, а дополнително загрижува и слабиот процент на имунизација против големата кашлица во државата.
Министерот Фатмир Меџити рече дека од вчера е дадена наредба да се расчистат сите вакцинални картони на бебињата за да може да се повикаат сите оние што досега не биле повикани во однос на тоа што ќе направи за да се спречи ширењето на оваа силна бактериска инфекција.
„Крајно време е да се смени тој ментален склоп кај нас, нашата иднина се нашите деца. Секое вакцинирање значи спас на живот или утре тоа дете да не добие некоја болест. Ќе апелирам за доброто на децата, да превенираме некои работи затоа што имаме доволен број вакцини. Спремни сме во тој поглед. Апелирам до сите родители, ги молиме како Министерство за здравство и јас лично – да се вакцинираат. Секое вакцинирање значи спас на живот“, посочи Меџити.
Министерот рече дека нема да има дефицит на лекови за онколошките пациенти, а во однос на тоа дали е распишан тендерот, рече дека не знае во моментот.
„Ако има некој дефицит на некоја материја, веднаш ќе излеземе пред вас и ќе кажеме. Но, секогаш постојат замени“, додаде министерот.
Во однос на мерките против пушењето, министерот извести дека до крајот на месецот ќе се потпише меморандум, а конкретните мерки ќе се знаат по потпишувањето.
„Како што кажав, не ние, туку како Западен Балкан ќе бидеме принудени да потпишеме меморандум и ќе мораме сите да се придржуваме. Кога ќе дојде до некоја болест, лекувањето е многу скапо. Повикувам сите да ги почитуваат систематските прегледи. Со ова ќе се намали бројот на овие злоќудни заболувања. Кои ќе бидат конкретните мерки, ќе знаеме по потпишувањето на меморандумот. Ова ќе треба сите заедно, инспекции и министерства, заедно да се организираме. Ова е токсично, ова е отров и од ова треба да се одвикнеме“, објасни министерот.