22. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Интервју на „Нова“ со професор д-р Трајан Гоцевски: Мотивот на Бугарија лежи во минатото и прикриено или отворено се сведува на територијални претензии

Специјално за Нова.мк
Интервју на „Нова“ со професор д-р Трајан Гоцевски прв цивилен министер на македонската армија и актуелен член на Советот за безбедност на Република Северна Македонија.

Нова: Г-дин Гоцевски, неодамна, а по цели триесет години, претседателот Пендаровски Ве одликуваше со Орден за воени заслуги. Со оглед на Вашите тридецениски општествени ангажмани, задоцнето ли е ова високо признание?

Гоцевски: Да се добие државен орден е голема чест во секоја држава. По 30 години мојата земја ми даде признание за важноста, за пресудната улога што државата ја имаше при формирањето на нашата армија, армијата на независна Македонија. Тој чин беше нужен услов и за да се надмине тогашната состојба на штотуку прогласена независна држава но со силна туѓа војска на своја територија. Сопствена армија е гарант и на независноста на државата и на нејзиниот територијален интегритет. На 14 февруари 1992 година Собранието го изгласало Законот за одбрана на Република Македонија, а формирањето на АРМ во тоа време беше и ризична бидејќи по тоа прашање во општеството имаше поделби и разни притисоци од многу страни па дури и во самата влада. Ми претставува чест што таа работа во голем дел падна на мои плеќи и што се заврши успешно и што по три децении сепак тоа е вреднувано за што посебно им благодарам на Воената академија и на Генерал штабот на армијата кои ја покренаа иницијативата и се разбира на Претседателот Пендаровски кој со Указ ме удостои со оваа високо државно одличје.

Нова: Триесет и три години самостојност и независност, разочарани ли сте од некои состојби, ја посакувавте Македонија поинаква или деформациите се дел од развојниот пат на секоја држава?

Гоцевски: По три децении состојбите се многу изменети. Македонија тогаш ја гледавме и ја проектиравме како независна, суверена, демократска, европска, економски просперитетна, како правна држава со висок степен на човекови права, со слободни медиуми, со ценета академска заедница, со заштитени идентитет, култура, традиции, со своја Црква, Армија и други национални институции и, пред се, како држава на достојни граѓани кои нема да ја напуштаат својата татковина.

Денес имаме своја независна држава членки на ООН. Членки на НАТО, се бориме да ги продолжиме преговорите со ЕУ. На тој пат зад нас застанаа сите релевантни меѓународни институции и чинители, а САД нашето стратешко партнерство го подигнаа на високо ниво. Се заокружува и решава статусот на МПЦ-ОА, имаме МАНУ, универзитети, своја Армија и сите други институции што треба да ги има една суверена држава. Зад независна Македонија застанаа сите меѓународни институции и посебно САД и тоа е големата слика што не треба да ја забораваме.

А што не сработивме? Ех, па има многу работи кои не ги сработивме како што треба и тие денеска ни ја испорачуваат сметката. Но тоа се наши работи кои ќе мораме ние самите да си ги решаваме. Ќе започнам со отсуство на доволно на слух за државните и за националните интереси и нивното почитување. Еве видите што сега ни се случува со Евроинтеграциите. Ако е тоа врвен национален интерес, дали така треба да се однесуваме кон тој процес? Секако не.

На почетокот приватизацијата нанесе штета и немир кај стотици илјади граѓани, се урна целата тогашна стопанска структура, се загубија пазарите. Тоа ниту некој го очекуваше ниту некој се обиде да ги ублажи последиците кои тлеат до денес. Потоа партизацијата на се и сешто. Таа ги урива и традиционалните и модерните вредности во општеството. До денес никој уште не презема ништо тоа да се елиминира. Напротив, дури и се шири. Нема доволно волја за демократизација во општеството што е темелна вредност на западната цивилизација, а нели сакаме таму да се приклучиме. Но како тоа сакаме да бидеме во модерна Европа, а со балкански манири, со корупција и криминали? Потоа, владеење на правото, правна држава, еднаквост на граѓаните пред законите, слободата на медиумите и слобода на изразување. Што ни се случува, до каде сме со тие базични вредности. Натаму, разградувањето на државните институции, но и на образованието, здравството, културата, науката, области и теми кои се основата на секое модерно демократско општество. Има и други нешта но овие ги сметам за клучни и таквата состојба многу ме разочарува.

Нова: Општо за Советoт за безбедност и Вашата оценка за скоро пет годишната работа на
актуелниот состав?

Гоцевски: Советот за безбедност беше замислен како главно национално тело во чии рамки се разгледуваат прашањата поврзани со безбедноста и одбраната на Републиката. Надлежностите на Советот се политички и советодавни и се реализираат во форма на сугестии, предлози, заклучоци, проценки и анализи кои се доставуваат до Собранието, Владата и до други државни органи, особено до членките на безбедносната заедница. Советот нема моќ на одлучување, нема извршни функции. Предлозите на Советот се спроведуваат и преку Советот за координација на безбеднсно разузнавачката заедница чии претседавач е претседателот на Владата на Република Северна Македонија.

Советот во овој состав имаше исклучителни активности околу надминувањето на кризите кои не потресуваа речиси од самото негово конституирање. Овој состав досега одржа 19 седници, повеќе стручни расправи за регулирање на прашања поврзани со нашата национална безбедност, одбраната и Армијата, кризната состојба заштитата на критичната инфраструктура и силно, а Претседателот Пендаровски внесе една нова динамика во неговата работата. Според моето искуство, слична динамика имаше и Советот за безбедност и во 1991-92, периодот на осамостојувањето на државата како и во 1999 со бегалската криза и, се разбира, во 2001 година за време на конфликтот. Но има работи кои не се расчистени со ова високо позиционирано уставно тело. Неговите надлежности се уште не се законски регулирани. Начинот на неговата работа и
статусот на членовите кои ги избира Претседателот на државата не се регулирани со никаков акт.

Нова: Кои се можните надворешни кризни точки по безбедноста во регионов, вклучително и во Македонија?

Гоцевски: Глобалното безбедносно опкружување се проценува како: комплексно со невидена динамика со интензивна геополитичка конкуренција, ривалства по сите основи, вмешаност на сите центри на моќ на глобално и регионално ниво со елементи на непредвидливост. Глобалноте безбедносно опкружување генерира услови за мултиплицирање на безбедносните заканите на тлото на Европаи пошироко. Посленава декада состојбата е видоизменета во негативна насока. Се случи војна во Европа. Се случи војна на Блискиот исток, егзодус во Нагорно Карабах, егзодус на Палестинците од Газа, се случија мигрантски бранови кон Европа кои не стивнуваат. Државите од Западен Балкан надвор од ЕУ и понатаму се мета на странски влијанија и на етно националистички пројави. Се случи вооружен инцидент на Северот од Косово, во Б и Х зајакнува политиката на сецесионизам и на подривање на Дејтонскиот договор. Односите речиси помеѓу сите држави од регионот имаат по некое отворено прашање кое од време не време се проигрува за некакви национални цели. Патем, иако проширувањето ЕУ го прогласи за стратешко прашање, тоа не се случи.

Од друга страна, геополитичките, воено стратегиските и геоекономските интереси на ЕУ, на НАТО и на САД, јасно укажуваат на ставот за нивната определеност за зацврстување на независноста, суверенитетот и територијалниот интегритет на Република Северна Македонија и дека Македонија е суверена држава членка на ООН и на НАТО со цврст став дека местото и е и во ЕУ. Толкава поддршка се случува за прв пат во нашата историја. И затоа и ставовите на македонската држава за одбрана на свиоте државни и национални интереси, за заштита на континуитетот на идентитетот, јазикот, културата, традициите на македонскиот народ, се во согласност со геополитичките и со стратегиските интереси на нашите сојузници и партнери.

Нашиот источен сосед ја блокира Македонија на патот кон ЕУ и иако оваа моментална политика спрема нас е спротивна на геополитичките интереси на САД, ЕУ и НАТО, сепак може да се извлече заклучок дека мотивот на Бугарија лежи во минатото и прикриено или отворено се сведува на територијални претензии што досега на Балканот на никому не му донела полза, па нема да и донесе и на Бугарија.

Затоа Македонија како пример за мултиетничко општество и татковина на македонскиот народ и на сите останати заедници кои живеат во неа, вклучувајќи ја и бугарската заедница, ќе успее во оваа непринципиелна и неисплатлива политика која во 21-от век се` уште ја водат некои балкански држави.
Инаку, непосредното безбедносно опкружување на Македонија е под силно влијание и на глобалните процеси и комплексните и специфични состојби и односи на Балканот. Сето тоа има директно влијание врз вкупниот безбедносен амбиент во државата. Во изминатите години направен е значаен исчекор во подобрувањето на нашата безбедносна средина. Пред три години Македонија стана членка на НАТО, ги интензивира односите со нашите соседи кои повеќето се членки на НАТО или на ЕУ, земји кои имаат евроатлантска агенда, земји кои одржуваат конструктивни врски со двете организации. Исто така, преку започнувањето на скринингот, земјава практично го направи и првиот чекор кон вистинското отворање и на процесот на интеграција со Европската Унија. Со тој чин Македонија како независна држава уште еднаш покажа дека својата иднината цврсто ја врзува со европската заедница на држави и народи. Во рамките на напорите за остварување на оваа стратегиска цел, нашата држава целосно ја усогласи својата политика со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ и продолжува континуирано да инвестира во градењето на европската и евроатлантската безбедност и стабилност и да дава контрибуција во регионалните и меѓународните мисии на мирот во рамките на ООН и, се разбира, во НАТО и ЕУ. Во таа насока ја формулиравме и нашата надворешна, безбедноста и одбранбена политика, ги градиме нашите капацитети на системот за национална безбедност и одбрана и тоа врз принципите на солидарност и врз силна трансатлантска врска со споделување на обврските за колективната одбрана, безбедност и заштита.

Нова: НАТО е безбедносна гаранција но не и за внатрешните состојби па кои, според Вас, се најболните точки на македонската стабилност: партизирани институции, корупција, национализми, отсуство на реформи, забавена ЕУ интеграција или се заедно?

Гоцевски: Членството на Македонија во НАТО е клучна за нашата одбрана и безбедност и заштитата на нашата независност и територијален интегритет. Затоа, НАТО се фокусира да помогнеме да се стабилизира Западен Балкан како целина. Кога соседите на НАТО се постабилни НАТО сојузници, Северна Македонија и остатокот од Алијансата е побезбеден. НАТО веќе го зголеми присуствота во регионот. НАТО и во иднина ќе проценува што е неопходно за безбедноста во регионот бидејќи, очигледно, тука има помала стабилност, или нестабилност и затоа и сега во регионов е зголемено присуството на НАТО. А кога станува збор за заштита на сојузниците на НАТО, Алијансата има способност брзо да реагира, да распореди сили и доколку се процени дека има било каква директна закана против земјата сојузник, НАТО ќе интервенира.

Поракаите од најновата проценка на НАТО за регионот е кратка но многу јасна. Гаранциите на НАТО се конкретни, прецизни и непоколебливи и со цел со сите свои капацитети да ја заштити секоја своја членка од било кави безбедносни предизвици и ризици. Затоа во тој поглед ние треба да бидеме спокојни. Тоа го потврдува и огромното значење што сме членка на НАТО, како и тоа колку е исплатлива таа ,„инвестиција“ за Македонија, за националната безбедност и за одбраната на државата.

Но НАТО не може да ги решава нашите внатрешни прашања. Тоа не е негова мисија и негова работа. НАТО создава безбедна и предвидлива средина за државата, а државата треба суверено да си ги решава своите внатрешни проблеми кави што се владеењето на правото, борбата со криминалот, со корупцијата, функционално јакнење а не партизирање на институциите, правење нужни реформи и многу други работи кои не сме ги сработиле три децении наназад. Секако, видливите поделбите во македонското општество, етно национализмот, демографската депопулација, забавените евроинтеграциски процеси, социјалната состојба на населението, сето заедно се внатрешни прашања кои најмногу влијаат врз нашата национална безбедност но тие не се во надлежност на НАТО туку се обврска на нашите политички елити.

Нова: Често повикувате на единство, на обединување, кои се важните точки на кои би можело тоа да се случи, да има општ консензус секако не само декларативен и, воопшто, можно ли е тоа во овие наши околности на континуирани меѓупартиски нетрпенија и повремени меѓунационални ексцеси?

Гоцевски: Ние влеговме во изборна година. ЕУ влегува во изборна година. И НАТО ќе избира Генерален секретар. САД, Руската федерација и Украина, исто така, се во изборна година и уште многу држави се пред таков чин. Според некои проценки над три милијарди луѓе излегуваат на избори во 2024-та година. Тоа е голем предизвик. Има голема неизвесност за тоа во која насока ќе тргнат големите политики. Во тој контекст е важно како ќе се одвива и нашата политика во Македонија.

Затоа, демократски, мирни и фер избори за нас ќе бидат најголемиот предизвик и тест во оваа 2024 година, а и потоа за тоа како и во која насока ќе се движиме по изборите. Затоа, според мене, политичката стабилизација на Македонија мора да стане приоритет број еден на целото општество. Поделбите по етничка, верска, партиска се опасни но исто така непосакувани се и поделбите во однос на ЕУ интеграциите. Поделбите воопшто и посебно на ЕУ линијата лоша за нас како држава па дури и за нашата стабилност и за нашата национална безбедност.

Продолжувањето на патот кон ЕУ останува како нај тажното но и како најважно прашање и обврска за сите нас како општество бидејќи, што некому како да не му е јасно, во ЕУ се интегрира македонското општество како целина. Не се интегрираат поединци такви или онакви групации или сектори, партии и слично. ЕУ интеграциите бараат брз и решителен одговор без разлика кое парламентарно мнозинство по изборите ќе ја формира идната Владата. Затоа, според мене, тоа единство, тоа обединување кон стратешките долгорочни интереси на државата ќе биде тој меѓник од каде што ќе тргне нашиот пат кон иднината. Ако сме општество со созреан демократски капацитет, по овие три децении тоа мораме да го сфатиме и да направиме обединувањето да стане реалност во обем што е нужен и по прашањата кои се клучни за државата. Со тоа и нашата држава Македонија ќе станува реален фактор на регионалната и пошироката стабилност и безбедност онака како што тоа од нас го очекуваат нашите сојузници. Затоа верувам во тој процес, повикувам да се случи колку тој и да е болен за поединци или групации кои не и помагаат на стабилизацијата на државата, а кои реално ги има во македонското општество.

Нова: Во јавноста, меѓу граѓаните Македонци посебно, континуирано и партиски кампањски се наметнува страв од некаква бугаризација па и од некаква албанизација, што е реално, а што е само сеење страв?

Гоцевски: Долгиот и тежок пат на Македонците и на останатите заедници кои живеат во Македонија да формираат своја независна држава и цената која ја платиле за тоа, објективно создава страв од разни пројави на национализам и територијални претензии, од идеи за големи држави и слично. Штетите од таквите политики беа големи. Страдањата на народите, исто така. На Македонците и на останатите граѓани кои живеат со векови на овие простори никој и никогаш не им подарил ништо за џабе. Се` скапо платиле па и со своите животи. Оттука, објективното е што етаблирањето на независна држава на немирниот Балкан е долг и сложен процес што како факт се потврдува до денешен ден. Загрозени од масовните иселувања, сите балкански држави почнаа да бараат „свои,“ народи во соседството, а не гледаат дека сите наши граѓани не одат во соседството туку во развиените западни земји. И тука немилосрдно и непринципиелно се користат разни позиции за да се искористи немоќта и сиромаштијата на луѓето. Се делат пасоши, државјанства, пари, бесплатно образование во замена за признание на туѓо национално чувство. Но тоа не се европски вредности и тие кога тогаш ќе паднат и тие држави ќе се срамат од таквите свои политики. Во тој контекст го гледам и одговорот на вашето прашање. Страв се уште има но генерално нема опасност од албанизација, бугаризација или слично. Тоа е и ставот на сите релевантни меѓународни институции како ООН, ЕУ, НАТО, ОБСЕ, кај сите во кои како држава членуваме. Но најголем дел од заштитата од ваквите појави лежи во самите нас. На прво место е нашето национално чувство. А кој може тоа да ни го одземе? Никој. Односот кон нашата култура, јазик традиции и посебности никој не може да ни ги загрози и да ни наметне нешто друго, нешто туѓо.

Нова: Може ли и да се детектираат пунктови кои ја загрозуваат, кои се закануваат на унитарноста на Република Северна Македонија?

Гоцевски: Секако дека има и такви тенденции. Најголем дел лежат во длабоките поделби во македонското општество по многу линии. Според мене, најсериозна закана, би рекол и најнова, е поделбата околу Евроинтегративниот процес. Таа поделба оди по две линии. Македонски – албански блок и поделба во македонскиот блок. Тоа не е добро за унитарниот карактер на државата. Понатаму, погледнете една скорешна активност за формирање политичка партија на косовскиот премиер Курти која би учествувала на годинешниве избори кај нас. Каде води тоа?

Не ми е далеку помислата дека и целата бугарска политика околу издавањето на бугарски државјанства, пасоши и некакви други активности не се на таа линија. Има и други примери.

Но едно треба да им биде јасно на сите. За да се постигне, потпише и да се преточи во уставот, Охридскиот рамковен договор, првиот услов кој е прифатен од сите релевантни политички партии во Македонија и е гарантирано од меѓународната заедница, беше зачувување на територијалниот интегритет на државата и нејзиниот унитарен карактер. Ако тоа не беше прифатено немаше да има и договор и ќе немаше и крај на конфликтот. Затоа, играње со таа тема нема и не смее да има. Тоа би била реална безбедносна закана за државата.

Нова: Каква, според Вас, е тука улогата на политичарите, јавните личности, универзитетите, МАНУ, па и на медиумите?

Гоцевски: По тоа прашање улогата на политичарите и на јавните личности е секако најголема. Но тоа и не е само нивна одговорност. Во рамките на општата стабилизација на општеството, треба да се зголеми улогата на бизнис заедницата, медиумскиот сектор, академската заедница и граѓанскиот сектор. Во демократските општества тоа е златен стандард. Нивната задача во креирањето и во водењето на политиките во државата, исто така, е многу значајна. Тие би требало да се стабилизирачките и прогресивните структури на општеството и токму тие можат да дадат најсериозен придонес за созревање на македонското мултиетничко општество и активно да учествуваат во отстранувањето на разните стереотипи кои државата ја враќаат назад.

Во рамките на стабилизација на сите процеси во државата, вклучувајќи го и кохезивниот процес, мора посериозно да се позанимаваме со процесите на департизација, професионализација и модернизација на јавната и државната администрација која игра голема улога во сите процеси со кои се соочува општеството во целина.

Нова: По Киро Глигоров, има ли криза на политички авторитети и дали, доколку е така, е тоа една од причините за децениското стагнирање, посебно и поради длабоките недоразбирања и меѓу политичките партии по важните прашања за државата?

Гоцевски: Тоа е факт од кој сите не треба да бегаме. Впрочем, за таквата состојба сите придонесовме. Не е добро однесувањето спрема политичарите и политичките партии зашто тие се битните чинители во општеството и во демократските процеси во него. Но, за тоа и тие самите придонесуваат и се одговорни за состојбите. Односот кон политичарите како сложена и високо поставена професија како што е во модерните држави, не е добар. Напротив, тој е недопустливо понижувачки. Односот на јавноста кон лидерите на политичките партии е крајно некоректен, особено кон оние од „другата партија“. А сите тие, порано или подоцна, стануваат државни авторитети кои ги претставуваат граѓаните во земјата и во странство и управуваат со државата. Затоа е нужно да создадеме култура на однесување кон државното раководство кое сами го избираме. Така ќе создаваме авторитет кон нив кој е неопходен за извршување на нивните должности.

Сегашното девалвирање на секој и секого, без разлика на која позиција се наоѓа, не не` води во вистинска насока ниту пак го зголемува угледот на нашата држава. Во тој контекст анализирајте ги состојбите од 1990-та година, од првите избори до денес. Ниту еден шеф на нашата држава не остана легитимен, почитуван, недевалвиран по некоја основа. А тој ја претставува државата пред меѓународната заедница. Врховен командант е на вооружените сили. Институција која се грижи за обединување на општеството како целина. Како тоа ефикасно и авторитетно да го чини во еден неприфатлив политички амбиент кој се создава за него. Собранието сто така. Во сите состави е бојкотирано од по некој политички субјект. Често пати се доведувани во прашање легитимитетот на некои одлуки, закони и слично што собранието ги донело.

Претседателите на македонските влади, од првиот, од академик Кљусев па до денес, се девалвираат по сите основи. Никој не си го дозавршуваше својот мандат за да ја дореализира програмата што им ја ветил на граѓаните. Затоа јавното мислење за нив потоа е многу ниско. Владите исто така, се предмет на секакви понижувања. И кога има причина но и кога нема аргументи за тоа. А владата е носител на извршната власт во државата. Ако кон неа се создава анимозитет и јавно девалвирање, како таа ќе може ефикасно да ја извршува својата многу одговорна функција. На владите исто така им беше прекинуван мандатот, а постојано имаше промени и на министри што го оневозможуваше континуитетот на развој на определени сектори значајни за државата и општеството па и за нашата национална безбедност и одбрана. Ако така продолжиме ќе испадне дека нам никој не може да ни помогне. Пак ли треба некој од надвор да ни ја крои судбината. Ете и тоа е дел од безбедносните ризици кои треба да не` загрижуваат и кои треба сами те да ги надминуваме.

Извор: Novatv.mk