25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Пропадна тендерот за изградба на „Чебрен“, Шукова вели дека грчката компанија не можела да обезбеди заеми од банките

Грчката компанија „Архиродон“ со овие услови очигледно не можеше да обезбеди заеми од банките, изјави министерката за животна средна и просторно планирање, Каја Шукова за пропаѓањето на тендерот за реализација на проектот „Чебрен“.

Министерството како надлежно ќе информира дека ќе достави одлука за поништување на постапката.

Шукова објасни дека во согласност со тендерската документација, додека беше активна банкарската гаранција, понудувачот требаше да потпише договор за заедничко вложување со ЕСМ, а тоа не беше направено.

Владата потоа испратила допис до компанијата со потсетување дека банкарската гаранција е активна до 31 декември.

„Со оглед на тоа што не добивме дополнителни информации од компанијата, банкарската гаранција веќе не е активна и понудата не важи“, рече Шукова.

„Архиродон“ поставиле одредени услови, бидејќи со сегашните, како што образложиле немале добри можности да обезбедат средства од банките за да го градар „Чебрен“, но дополнителните барања кои не биле дел од тендерот, Владата не можела да ги прифати.

„Одлучивме условите да останат како во тендерската документација. Очигледно компанијата со овие услови не можеше да обезбеди заеми од банките, со оглед дека се работи за голема финансиска конструкција од милијарда евра“, изјави Шукова.

ППЦ-Архиродон на 14 септември 2023 година беше избран за најповолен понудувач на 14. тендер за изградба на реверзибилната хидроцентрала ПАХЕ „Чебрен“. Подоцна имаше забелешки на јавниот повик и до крајот на 2023 година требаше да одлучи дали ќе продолжи со проектот.

Владата на 14 септември на 185-тата седница донесе одлука со која се овозможи реализација на хидроцентралата Чебрен, со проценетата вредност на инвестицијата од околу една милијарда евра. Со одлуката е предвидена изградба на реверзибилна хидроцентрала со инсталиран капацитет од најмалку 333 мегавати. Предвидено е Чебрен да има функција на производство на електрична енергија, како и режим на пумпање и враќање на водата назад со што на Црна Река е предвидено создавање на ново вештачко езеро.