„Поддршката за развој на општините е континуирана и доказ за тоа е и денешниот настан кој се случува верувам прв пат во историјата на државата, меѓутоа се надевам дека нема да биде и последен пат, на кој присутните министри и градоначалниците каде што ќе потпишат договори за реализација на проекти од локален интерес, наменети за во најголем дел од општините во државата,“ порача Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, по повод денешниот настан на којшто беа потпишани договори со општините за реализација на конкретни проекти од локален интерес.
Претседателот Ковачевски посочи дека заедничка цел на централната и на локалната власт треба да бидат интересите и потребите на граѓаните, што претставува еден од врвните приоритети на Владата.
Тој се заблагодари на успешната соработка на сите политички партии при реализацијата на оваа значајна и голема активност.
„Сакам да се заблагодарам на сите пратеници во Собранието кои учествуваа во амандманската расправа на прераспределбата на Буџетот. Тука сакам да се заблагодарам пред се и на пратениците кои што го сочинуваат мнозинството бидејќи на крајот нивните гласови одлучуваат, а гласовите одлучија дека без разлика на тоа која општина од кој политичар или градоначалник од било која политичка партија е номиниран и кандидиран добива финансиски средства за реализација на проектите кои што ги има и кои што значат подобро живеење на граѓаните. И тоа е навистина нешто што е за поздравување и што уверен сум дека ќе оддекне исклучително позитивно во јавноста,“ порача Ковачевски.
Вкупно 2 милијарди денари или 32,5 милиони евра се обезбедени преку пренамена на финансиски средства од буџетите на 6 министерства и една агенција. Односно од министерствата за здравство, образование и наука, труд и социјална политика, култура, транспорт и врски, животна средна и просторно планирање и Агенцијата за млади и спорт. Овие пари се наменети за вкупно 66 проекти за 44 општини.