Во интервју за Рацин.мк заменик претседателот во Владата и главен преговарач со ЕУ цели дека „за среќа, не може да стане збор за прекин на преговорите, тоа задоволство нема да ѝм го пружиме на ДПМНЕ.
Маричиќ нагласува дека „поглавјата се отвораат автоматски по уставните измени, без нова политичка одлука и без понатамошни одлагања. Сѐ е веќе предвидливо кога се во прашање нашите интеграции. Точно знаеме што добиваме, а тоа се европска помош за реформите и огромни европски фондови. И точно знаеме дека ништо не губиме. И добро знаеме дека до 2028 година можеме да ги завршиме преговорите со што најдоцна до 2030 година ќе станеме официјална полноправна членка во Европската Унија“.
Во интервјуто за Рацин.мк Маричиќ посочува дека „наместо да ги отвориме можностите за уште повеќе европски фондови, опозицијата посакува да ѝ се сврти грб на Европа“.
„Ние знаеме дека можеше да биде поинаку доколку веќе ги усвоевме уставните амандмани. Реализацијата на успешниот скрининг значи дека сме подготвени за понатамошно непречено спроведување на реформите, односно подготовка на патоказите за реформи во јавната администрација, патоказот за владеење на правото и акцискиот план. Ние како Влада инсистираме на спроведување на понатамошните реформски обврски, препознавајќи го моментот во кој Европската Комисија дава непречена и силна поддршка за нас. И Европската Комисија знае за предизвиците со кои се соочуваме и затоа упорно ја споделуваат поддршката кон државата и јавноста“, потенцира вицепремиерот задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ.
Во однос на Планот за раст на ЕУ и реформската агенда, Маричиќ вели дека „ќе испорачаме повеќе реформи и за сметка на тоа ќе добиеме повеќе европски пари. Но, за тоа да биде успешно и брзо, нѝ требаат преговорите со отворени поглавја во полн погон. Тоа го можеме, тоа го сакаме“.
Во однос на дилемата дали ЕУ на последниот Самит ја изневери Северна Македонија, Маричиќ нагласува дека „овој пат не станува збор за изневерување од страна на ЕУ. Јасно е како ден, ВМРО-ДПМНЕ ја изневерува македонската иднина во ЕУ. Работите имаат име и презиме, блокаторот се вика Христијан Мицкоски, кочницата се вика ВМРО-ДПМНЕ“.
Во интервјуто за Рацин.мк Маричиќ повикува на свест, на совест, на политичка и татковинска одговорност.
„Да не губиме драгоцено време, да најдеме решение и да поитаме. Жалосно е на толку можности кои сега се нудат, и брзината со која ЕУ стратешки се проширува да се пропушти моментумот. Обврската согласно Преговарачката рамка останува, нашите млади и иднината на оваа држава заслужува да живее по европски терк за доброто на сите нас“, истакнува Маричиќ.