СДСМ својот претседателски кандидат за изборите закажани на 24 април 2024 година ќе го бира преку дефинирана процедура, најдемократски – вели премиерот и претседател на владејачкиот СДСМ, Димитар Ковачевски, во интервју за „360 степени“ на МРТ 1, не откривајќи потенцијални имиња, туку посочувајќи кaко треба да изгледа профилот на кандидатот:
„Претседателски кандидат којшто се залага за европска интеграција на државата, кој се залага за надворешна политика којашто е целосно усогласена со НАТО и ЕУ, којшто ги почитува меѓународните договори на државата, којшто ја почитува Преговарачката рамка со ЕУ, којшто ги почитува сите граѓани без разлика на нивната, пред сè, етничка и која било друга припадност и претседателски кандидат којшто има визија за Северна Македонија како полноправна членка на ЕУ – со економски раст, со врвно владеење на демократија и право и социјална сигурност. Тоа е победничкиот кандидат и тоа е е профилот на претседателски кандидат којшто СДСМ ќе го понуди и којшто ќе треба, нормално, да ги дели вредностите на нашите коалициони партнери“.
Прашан за тоа дали актуелниот претседател Стево Пендаровски ги исполнува условите што ги набројува, лидерот на СДСМ одговори дека досегашното работење на Пендаровски е токму таков пример.
„Стево Пендаровски, ако го анализираме неговото работење во изминатите пет години, тој апсолутно ги исполнува овие вредности и затоа тогаш и бил кандидиран. Бидејќи претседателот Пендаровски беше кандидиран како консензуален кандидат. Да не заборавиме дека тој беше поддржан отворено од коалиција која вклучуваше партии на Албанците“, рече Ковачевски.