7. октомври 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Десничарските движења ја користат економската неисгурност за поттикнување ксенофобија

Радикалните десничарски движења често ја искористуваат економската несигурност за да промовираат ксенофобични агенди. Обвинувајќи ги имигрантите или надворешните сили за економските тешкотии, овие движења го оправдуваат насилството врз целните групи. Но, не само надворешните, тие често пронаоѓаат непријатели и дома, помеѓу различните и помалите етнички групи кои се основа за градење на омраза и недоверба, а следствено и конфликт, се вели во анализата на „Рацин.мк“.

Односот помеѓу радикалната десничарска политика и насилството е сложена интеракција на идентитетската политика, авторитаризмот, популизмот и економските фактори. Во последниве години, се истакнува во анализата, Северна Македонија беше сведок на загрижувачка промена во десничарските политички кругови, бидејќи партиите се движат понатаму надесно и усвојуваат сè порадикални идеологии. ВМРО-ДПМНЕ, Левица, озогласената ДЕСНА партија, чиј претседател е осомничениот за монструозните убиства Палевски, други помали про-руски партии и патриотски движења, значително ја радикализираа својата реторика.

Оваа промена кон поекстремни позиции, може да води кон зголемен потенцијал за социјални немири, зголемување на омразата, тензиите и на крај – да доведе до насилство. Случајот Вања, односно двојното убиство кое се случи во земјава, само потврдува дека ваквите екстремни позиции и теориите на заговор водат кон тотално негирање на реалноста и институциите. По убиствата, радикалните десничари започнаа со ширење на теории на заговор и дезинформации за работата на полицијата.

Од сето ова, само по себе произлегува заклучокот дека влијанието на радикалната десничарска политика во Северна Македонија, доколку не се контролира, не само што може да ја поткопа социјалната и мултиетничка кохезија на земјата туку и да ја загрози стабилноста, се заклучува во анализата на „Рацин.мк“.