24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

МЗ: Работиме на новата Национална стратегија за правата на лицата со попреченост

Министерството за здравство информира дека континуирано работи и презема конкретни чекори во унапредувањето и заштитата на правата на лицата со попреченост.

Согласно регулативата на Министерството, определено е дека објектот за вршење здравствена дејност треба да обезбеди хоризонтална и вертикална комуникација за движење на инвалидски колички, како и соодветни критериуми во однос на широчината и височината на различните отвори (врати, прозорци и лифтови), и со конкретни акти ги задолжи јавните здравствени установи да формират стручни тела за функционална проценка на лицата со попреченост.

Согласно член 34 став 1 алинеја 2 од Законот за здравствено осигурување, а во врска со Законот за изменување и дополнување на Законот за здравствено осигурување утврдено во член 32 од овој закон се ослободуваат од учество во трошоци на здравствени услуги во специјалистичко – консултативна и болничка здравствена заштита осигурените лица со попреченост, според прописите за детска заштита и социјална заштита.

Министерот за здравство има формирано првостепени и второстепени комисии за издавање на конзилијарно мислење со наод за остварување на паричен надоместок за потполно глуво лице со попреченост, за лице со најтешка телесна попреченост, за потполно слепо лице со попреченост, за лице со тешка или длабока интелектуална попреченост, за потребата од помош и нега од друго лице.

Во моментов интензивно се работи на новата Национална стратегија за правата на лицата со попреченост 2023-2030 година во соработка со Владата, Министерството за труд и социјална политика, Министерството за образование и наука, МКФ службата и останати релевантни институции.