„Северна Македонија го има најдобриот договор што може да го добие. Ако се сеќавате, Ковачевски стана премиер во приближно исто време кога и Петков стана премиер во Бугарија. Имаше многу прашање, имаше пет комисии кои требаше да преговараат под водство на француското претседателство и сето тоа беше сведено на едно прашање – малцинството во Уставот“ рече холандскиот амбасадор Дирк Јан Коп во интервју за „360 степени“.
Тој додаде дека со овој договор помеѓу Бугарија и Северна Македонија останатите барања исчезнаа, што според него е добро.
„Мислам дека под овие околности ова е најдобар договор што Бугарија и Северна Македонија можеа да го добијат. Стартот на втората фаза од Меѓувладината конференција, кој зависи од уставните измени, нема ништо со самиот билатерален договор“ рече Коп.
Холандскиот амбасадор истакна дека ова е исклучително важен момент и дека е дојдено кончено време Северна Македонија да ја оформи својата иднина и да стане господар на сопствената судбина.
„Наредната година имаме избори за Европскиот парламент, ќе има избори во САД и, како што реков, во Холандија поддршката за проширувањето се намалува и вие не може и понатаму таа поддршка да ја земате здраво за готово, треба да влезете во ЕУ сега, што е можно побрзо или, како што стравувам, таа можност може да исчезне, во некој момент вратата ќе се затвори“ рече Коп.