9. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Од денеска повторно евтина тарифа на струјата, еве колку ќе заштедат граѓаните

Од денеска (1 декември 2023 година), домаќинствата секој ден од 13 до 15 часот ќе можат да користат евтина тарифа на струјата.

Иако првично беше најавено дека за рачно да се подесат броилата ќе биде потребна една година, сепак беше постигнат договор за процесот да се забрза и граѓаните да го почувствуваат бенефитот од евтината тарифа во текот на зимата.

Евтината дневна тарифа ќе се користи до 13 до 15 часот и е воведена поради повеќемесечното намалување на цената на струјата на берзите.

Оваа промена, според очекувањата, ќе има позитивно влијние на потрошувачите, намалувајќи го трошокот за електрична енергија.

Враќањето на евтината дневна тарифа се должи на успешното менаџирање на последиците од светската енергетска криза.

Сега домаќинствата ќе имаат на располагање вкупно 11 часа евтина електрична енергија во текот на едно деноноќие од понеделник до сабота и 24 часа во ден недела. Просечно тоа значи заштеда за над 1.000 денари месечно.

Премиерот Димитар Ковачевски, на денешната седница за пратенички прашања во Собранието на Република Северна Македонија рече дека грижата за граѓаните е преку дела, што го покажува и денешното враќање на евтината тарифа на струјата за просечна потрошувачка на електрична енергија во блок 1 и 2, веднаш штом се создадоа услови за тоа.

„Од денеска стартува повторно дневната евтина тарифа за електрична енергија. Граѓаните ја добиваат можноста за евтина струја од 13 до 15 часот. Со тоа се обезбедуваат заштеди од над 1.000 денара месечно, за секое семејство. Гледате дека инвестициите во обновливи извори на енергија коишто се правеа во текот на изминатите две години во мандатот додека јас сум претседател на Влада, овозможи сите граѓани да имаат бенефит. Инсталирањето на 600 мегавати обновливи извори на енергија овозможи од 13 до 15 часот да имаме евтина тарифа за граѓани и да можат да заштедат над 1.000 денари месечно. Е така една одговорна влада, со јасна стратегија, се грижи за стандардот на граѓаните“, рече Ковачевски.

Евтината дневна тарифа беше укината на почетокот на 2022 година, кога имаше зголемување на цената на струјата за 9,48 отсто. Доколку останеше евтината тарифа, цената на струјата ќе се зголемеше за дополнителни 5 отсто.