6. октомври 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
МАКЕДОНИЈА

Полесно расчистен снегот кај Македонците во Голо Брдо благодарение на донацијата на премиерот Ковачевски

Снегот го блокираше сообраќајот во регионот на Голо Брдо, каде што живеат Македонците во Албанија, но благодарение на машината која што ја донираше Владата на Република Северна Македонија на иницијатива на премиерот Димитар Ковачевски, оваа година расчистувањето оди полесно.

Премиерот Ковачевски ја донираше машината во името на Владата во јули, кога ги посети и се сретна со Македонците во Голо Брдо.

„Оваа Влада се грижи за Македонците кои живеат во Албанија. Со конкретни проекти правиме сѐ за подобрување на нивниот живот. Континуирано помагаме за подобрување на условите за живеење, ги подобруваме условите во училиштата, финансиски го помагаме комуналното уредување на општините каде живеат Македонци“ изјави тогаш премиерот Ковачевски.

Од македонската амбасада во Албанија по паднатите снегови се заблагодарија на Владата за оваа донација, истакнувајќи дека булдожерот дониран од Владата на Република Северна Македонија е ставена во употреба и помага за расчистување.

„За разлика од минатите години, ситуацијата оваа година е поинаква. Имено, месната заедница во Требиште на чие чело е администраторот Едмонд Османи го ставија во употреба булдожерот дониран од Владата на Република Северна Македонија и започнаа со расчистување на снежните наноси на патиштата меѓу селата“ напишаа од Амбасадата на социјалните мрежи.