25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Ковачевски: Со новиот деветти пакет мерки од 662 милиони евра, продолжуваме да ги помагаме најранливите, компаниите и економијата

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, денеска одржа прес-конференција на која што го презентираше деветтиот пакет антикризни мерки, кој е во вредност од 662 милиони евра.

Во продолжение ја пренесуваме интегралната изјава на премиерот Ковачевски:

„Почитувани претставници на медиумите,

Почитувани граѓани,

Како што во неколку наврати најавивме, така и направивме, на крајот на ноември на денешната владина седница го усогласивме деветтиот пакет антикризни мерки, во вредност од 662 милиони евра.

Овој пакет содржи 26 мерки за социјална сигурност, насочени кон таргетирана поддршка за ранливите категории на граѓани и компании како и поддршка за надминување на потешкотии во услови на зголемени трошоци на живот, но и во услови на продолжени ефекти од енергетската криза.

Со мерките се опфаќаат 120 000 млади лица, над 74 000 социјално ранливи категории на граѓани, над 187 000 пензионери, 40 000 земјоделци, речиси 540 000 корисници на апликацијата мој ДДВ. 600 000 домаќинства, како и над 70 000 компании.

Со системските мерки за 2023 и 2024 година се опфатени пак над 338 000 пензионери и 106 000 вработени во администрацијата.

Јас како премиер ги исполнувам дадените ветувања, повеќе пати досега кажав дека никој нема да оставиме сам и стојам позади оваа изјава, која ја дадов уште на почетокот на мојот мандат.

За мерките наменети за граѓаните, домаќинствата и земјоделците издвоени се во износ од 156 милиони евра.

Во овој пакет мерки, обезбедивме поддршка за зголемување на ученичкиот стандард, за основците и средношколците од ранливи категории на семејства со ниски примања, до 50,000 денари.

Над 105 илјади ученици во основното образование и средношколците во наредните 6 месеци ќе добиваат по 1.200 денари, односно 1.800 денари месечно, за што од буџетот за оваа финансиска поддршка ќе се издвојат вкупно 14,3 милиони евра.

15.000 студенти кои живеат надвор од местото на студирање, ќе добијат ваучер за превоз. Студентите во наредните 7 месеци месечно ќе добиваат ваучери во износ од 600 до 1.200 денари, за што се предвидени 2 милиони евра.

Се грижиме за најранливите, за нивната социјална сигурност. Во наредните 5 месеци по 2.000 денари месечно ќе добиваат корисниците на надоместок заради попреченост, за самохрани родители – корисници на Гарантирана минимална помош и за родители на деца со попреченост до 26 години. Со оваа мерка се опфатени 16.741 граѓани, со вкупна буџетска поддршка од 2,7 милиони евра.

Го штитиме животниот стандард на пензионерите со најниски примања, ветивме поддршка за нив и ја исполнуваме.

Во наредните 5 месеци пензионерите со пензија до 14.000 денари ќе добиваат по 3.000 денари месечно, оние со пензија од 14.000 до 16.000 денари 2.000 денари, додека, за пензионерите со примања од 16.000 до 19.000 денари во следните 5 месеци, ќе имаат поддршка од 1.500 денари. За оваа поддршка се предвидени 35 милиони евра и се опфатени над 187.000 пензионери.
Следната мерка е за земјоделците. Нашата цел е зголемено домашно производство на земјоделски производи, но и вреднување на трудот на земјоделците. Со новиот пакет е предвидена авансна исплата на субвенции преку ИПАРД програмата, и тоа за 40.000 земјоделци кои имаат посеви со полјоделски и градинарски култури, лозови и овошни насади и кои се занимаваат со сточарството. За оваа мерка предвидени се 8,1 милиони евра.

И понатаму продолжуваме да се грижиме за оние на кои најмногу им е потребна нашата помош. Преку Програмата за енергетска сиромаштија, предвидени се 1 милион евра за финансиска поддршка на над 5.000 семејства.

Предвидени се 1,1 милиони евра за околу 2.250 корисници, за финансиска поддршка на домаќинствата за инвестиции во обновливи извори на енергија и енергетска ефикасност. Поточно, поддршката за фотонапонски панели е до максимум 80.000 денари, до максимум 15.000 денари за соларни системи и до максимум 25.000 денари за инсталација на ПВЦ. Со тоа ја реализираме нашата долгорочна определба за енергетска транзиција и зелен развој на земјата.

Продолжуваме и со мерката за субвенционирање на струјата, со што продолжуваме 90% субвенционирање на цената на струјата! Овозможуваме субвенционирана цена на електричната енергија за 611.000 домаќинства и 68.000 мали потрошувачи, за што проценката е дека ќе бидат потребни 35 милиони евра.

Ја субвенционираме и цената на топлинската енергија. Парното за домаќинствата и компаниите, за 63.000 корисници во Скопје и оваа зима ќе биде обезбедена и субвенционирана, за што проценета е импликација од 7,4 милиони евра.

Продолжуваме со Финансиската поддршка за сметките за струја која е предвидена за домаќинства со ниски приходи – корисници на ГМП и социјална пензија, за кои поддршката изнесува 1.200 денари месечно во наредните 6 месеци. Со оваа мерка се опфатени над 50.000 корисници со вкупен износ од 5,9 милиони евра.

Обезбедени се средства за поврат на ДДВ, преку мерката „Мој ДДВ“, за што предвидовме зголемен праг до 2.100 денари за секое тромесечие поединечно. За оваа мерка предвидени се 42,2 милиони евра, а ќе опфатиме речиси 540.000 корисници.

Како дел од мерките предвидовме и законско решение со кое се ограничува затезната камата до висина на долгот, а воедно планирана е мерка со која се намалува висината на стапката на казнената камата за 3 процентни поени за граѓаните со низок доход.

Со конкретни мерки ја одржуваме и ликвидноста на компаниите, ја поттикнуваме конкурентноста, обезбедуваме поддршка за инвестиции во обновливи извори. За поддршка на приватниот сектор во овој пакет се предвидени 492 милиони евра.

Во рамките на овие мерки, предвидени се поволни заеми за мали и средни претпријатија во износ од 10 милиони евра, за инвестиции во проекти за енергетска ефикасност и обновливи извори, преку издавање на зелена обврзница.

Го прошируваме опсегот на компании корисници на гарантната шема од Гарантниот фонд на Развојната банка, преку олеснување на критериумите за аплицирање, за што се предвидени 39 милиони евра.

Во соработка со Европската инвестициона банка предвидуваме поволна, седма кредитна линија за зелена транзиција вредна 100 милиони евра, за инвестиции во енергетска ефикасност и обновливи извори, по принципот 1+1.

Во соработка со Француската агенција за развој, предвидена е поволна кредитна линија во износ од 50 милиони евра, за поддршка на женско претприемништво, дигитализација и проекти со што придонесуваат за намалување на негативните ефекти од климатските промени и проекти со позитивен придонес за животната средина.

Во соработка со Банката за развој на Советот на Европа, планирани се 50 милиони евра за поволни заеми за мали и средни претпријатија создавање и зачувување на работни места, поддршка на женско претприемништво, за зелени инвестиции.

Преку инструментот на ЕБОР за „зелено финансирање“ обезбедуваме поддршка за малите и средни претпријатија, за поединци и домаќинства, да инвестираат во обновливи извори на енергија и иновативни решенија за енергетска ефикасност во висина од 790.000 евра.

Како дел од мерките предвидовме и одлука за одобрување на користење на дехидрирано млеко за производството на млеко и млечни производи, со што ќе се придонесе за намалување на малопродажните цени млекото и млечните производи.

Работниците се силата на економијата и на целото општество. Во овој пакет мерки обезбедивме финансиска поддршка за субвенционирање на придонесите на нови и постојни вработени, за зголемување на платите на работниците од 3.000 – 9.000 денари.

Продолжува поддршката за јавниот сектор, за што вкупно се предвидени 14,9 милиони евра.

Во соработката со Светска банка, предвидени се поволни кредити наменети за општините за инвестиции во енергетската ефикасност, со цел намалување на потрошувачката на струја. За оваа цел се издвоени 10 милиони евра.

Воедно, обезбедени се 5 милиони евра за Фонд за енергетска ефикасност во Развојната банка, а во соработка со Светската банка, со цел финансирање на проекти во енергетска ефикасност и обновливи извори на енергија, мерка која крајно треба да обезбеди за јавниот и приватниот сектор намалена потрошувачка на електрична енергија.

Она што би сакал да потенцирам е дека и покрај овие антикризни мерки продолжуваме и со системските мерки за ублажување на ефектите од ценовната и енергетска криза за што се предвидени 516 милиони евра и тоа 189 милиони во 2023 година, и 327 милиони евра во 2024 година.

Од нив, 36,2 милиони евра за зголемувањата на платите во јавниот сектор преку усогласување со порастот на минималната плата и тоа за 2023 година.

52 милиони евра се обезбедени за зголемувањето на платите во јавниот сектор врз основа на Општиот колективен договор, односно пораст на платата за 10% и исплата на регрес од 10.000 денари за годишен одмор. За истата мерка која предвидува покачување на платите, во 2024 година се предвидени 150 милиони евра.

И за крај, за 2023 година обезбедени се 100 милиони евра финансиски средства за исплата на зголемени пензии за над 338.000 пензионери. За 2024 година, за пензионерите и покачувањето на пензиите, согласно методологијата, одвоивме 178 милиони евра. Затоа што пензионерите заслужуваат достоинствена старост и затоа што заслужуваат системски решенија со кои континуирано ќе им растат примањата.

Почитувани граѓани,

Мерките коишто ги презедовме лани и годинава даваат резултати.

Претходните пакети антикризни мерки од над 760 милион евра, којшто од Светската банка беше оценет како највисока буџетска поддршка во регионот. Помогнавме и на граѓаните и на компаниите, на економијата и на државата. Обезбедивме полесно функционирање за сите.

Мерките овозможија забавување на инфлацијата, стабилно снабдување со електрична енергија и ублажување на ценовните шокови.

И тогаш предвидовме субвенции за пензионерите, за ранливите, ја субвенциониравме струјата, предвидовме субвенции за основните прехранбени производи, ја реализиравме програмата за енергетска сиромаштија и ги покривме значителен дел од трошоците на компаниите за струја со што ги задрживме работните места и ја поставивме економијата на здрави нозе.

И сега продолжуваме со таргетирана конкретна поддршка за ранливите категории граѓани, за учениците, студентите, за пензионерите, граѓаните- корисници на социјална помош, граѓаните со посебни потреби, самохраните родители, домаќинствата со ниски приходи, земјоделците, како и поддршка на компаниите во процесот на зелена транзиција.

Помагаме на сите за надминување на потешкотиите во услови на зголемени трошоци на живот, како и во услови кога имаме продолжени ефекти од енергетската криза. Истовремено, преку економски оправдани политики, ја осигуруваме макроекономската и фискалната стабилност на државата.

Тешките времиња бараат и тешки одлуки. Но, и најголемите предизвици се решаваат со силна волја и напорна работа. Затоа што со напорна работа, нема недостижна цел.

Во оваа прилика сакам да се заблагодарам на вицепремиерот за економски прашања, на министерот за финансии, на министерката за труд и социјала, на министерот за економија, на моите советници, на нивните колеги кои што во изминатото тромесечје напорно работеа на подготовката на овој пакет антикризни мерки којшто верувам дека е исклучително обемен и насочен кон оние на кои најмногу им се потребни финансиски средства.

Ви благодарам!“