Секоја политичка структура или организација којашто се залага да запре процесот на иселување на младите и стручни кадри од земјата, а потоа да започне и процесот кои ќе создаде услови за да започне нивното враќање во земјата, не смее да биде против, ниту да го блокира брзото членство на Европската унија. Полска, Шпанија, Португалија и Хрватска покажуваат дека таа мисија не е невозможна.
Зоран БОЈАРОВСКИ
Секоја политичка структура или организација којашто се залага да запре процесот на иселување на младите и стручни кадри од земјата, а потоа да започне и процесот кои ќе создаде услови за да започне нивното враќање во земјата, не смее да биде против ниту да го блокира брзото членство на Европската унија.
Постојат неколку причини за тоа кои, воедно, се и фактори да се обезбеди обратен процес – младите да ги задржиме во земјата, а потоа и да ги постигнеме стандардите во економски, деловен, социјален и општествен контекст што иселените македонски граѓани ќе ги препознаат како реална и долгорочна причина за да се вратат во земјата.
„Единствен начин да се спречи заминувањето на младите е преку намалување на разликите во економските и социјални прилики во Северна Македонија споредено со западните земји, што може да се обезбеди преку членството во ЕУ“, е ставот на министерот за надворешни работи Бујар Османи искажан на Улпиана форумот што се одржа во Приштина пред неколку дена.
Османи посочи на фактот дека земји како Шпанија и Португалија, пред членството во ЕУ, имале значително поголем одлив на работна сила и млади. Трендот во овие две земји, според Османи, е променет со членството во Унијата.
Полска, Шпанија, Португалија и Хрватска покажуваат дека мисијата не е невозможна
Уште една земја членка на ЕУ – Полска, бележи враќање на нејзините емигранти од земјите од Западне Европа во татковината.
Со 5 милиони полски граѓани надвор од Полска, од кои 1,3 милиони во земјите на ЕУ, главно Германија, Велика Британија и Ирска, оваа земја беше една од земјите со најбројна дијаспора. Но, после Брегзит, и со забележителен тренд од 2019 година, расте бројот на Полјаци и Полјачки повратници
Полска стана членка на ЕУ во 2004, а во 2016 година просечната полска плата ја достигна висината од 70% од просекот на ЕУ, а со подобрените економски услови трендот на емиграција почна да се намалува уште во 2010, само 6 години после членството во ЕУ.
Тогаш започна кампањата за враќање на полските граѓани од другите земји на ЕУ зашто земјата се соочи со потребата од поголема работна сила, па полскиот министер за развој Матеуш Моравјецки ги охрабри Полјаците во странство да се вратат во Полска.
Во 2019 година, бројот на Полјаците кои живеат во странство падна за прв пат по Големата рецесија во 2008 година. Бројот на Полјаците кои се враќаат е зголемен, при што оние кои се враќаат ги надминуваат граѓаните кои заминуваат од 2019 до 2022 година. Причините наведени за овој феномен вклучуваат подобрени економски услови во Полска, перципиран еднаков/повисок животен стандард по прифатлива цена, желба да се биде поблиску до семејството, чувство на ксенофобија (без разлика дали е реална или замислена) во земјите на емиграција, како и некои политички настани како што беше Брегзит, на пример.
Слични првични индиции има и во нашето непосредно опкружување во регионот. Во Србија и Хрватска.
Неодамна хрватскиот премиер Андреј Пленквиќ изјави дека сега, 10 години после членството во ЕУ, во земјата се случува обратен процес: Хрватите што заминале во земјите на ЕУ пред и за време на членството во унијата, сега изразуваат желба да се вратат.
Иако медиумите и јавноста во хрватска со скепса, па дури и со потсмевање реагираа на делот од изјавата на Пленковиќ дерка дури 250 илјади хрвати сакаат да се вратат, нивното исражување покажа дека ако не толку, еден сериозен процент на иселени веќе изразиле желба или покажуваат интерес да се вратат во земјата.
Според истражувањето на Институтот за миграции и народности од Загреб само 29 отсто од испитаниците биле категорични дека не размислуваат за враќање. Дури 70% се изјасниле дека сакаат да се вратат или дека размислуваат за враќање, но сѐ уште не донеле конечна одлука.
Со овие индиции предвид, како и тргнувајќи од стратегијата за создавање услови за враќање на Хрватите во нивната матична земја, Загреб ја спроведува кампањата „Ја избирам Хрватска“ (Biram Hrvatsku) на тамошниот Завод за вработување со поддршка на Уредот за Хрвати надвор од Република Хрватска.
Уредот, како дел од оваа стратегија, на заинтересираните им го нуди „Водичот повратници во Република Хрватска“ со сите информации како иселените Хрвати да си ја олеснат реализацијата на оваа одлука и за целата логистичка и финансиска подршка за отворање бизнис во земјата.
Иако кога е во прашање Србија најголем дел од младите се иселиле за време на војните во поранешна Југославија и во перидот кога северниот сосед беше жртва на катастрофалните политики на Милошевиќ, прашањето на враќање на иселените и за запирање на „егзодусот“ на младите е топ приоритет на Белград.
За таа цел е креирана и се реализира веќе од поодамна програмата „Точка на враќање“ (Tačka Povratka).
Оваа програма во Србија на иселените Срби кои покажуваат интерес да се вратат во земјата им нуди на едно место преглед на сите можности што можат да им го олеснат спроведувањето на одлуката. Во „Водичот за повратници“, на веб страницата на програмата, се пласирани информации и линкови за решавање на административните прашања, за условите и погодностите како да се започне бизнис, како да се се вклучат во заедницата со нивните сограѓани со кои делат исти вредности и интереси.
Членство во ЕУ за удвојување на стандардите до 2030 како пресвртна точка
Во оваа насока драгоцени се и укажувањата на експертите, познавачи на тематиката во земјата и во регионот. Дона Костуранова од регионалната канцеларија на Фондацијата Вестминстер, и со искуство во младинските политики, истакнува дека освен креирањето политики за задржување на младите, важно е и да имаме план како да ги мотивираме оние што заминале да се вратат назад.
Костуранова се навраќа на примерот на Србија и нивната „Точка на враќање“ за да потенцира дека невладиниот сектор во соработка со Владата им нуди поддршка на повратниците од дијаспората побрзо да се интегрираат откако ќе се вратат во земјата и да најдат работа.
„За оние што се иселиле, шансите да се вратат се мали. Сепак треба да се вложува во сè што влијае на нивниот квалитет на живот – работни места, локална инфраструктура, култура итн. Има политики со кои може да се амортизираат оние фактори што ги тераат младите да си одат, како младинската гаранција на пример. Циркуларната миграција е многу важна. Да се прават програми за лицата од дијаспората за кога ќе се вратат дома да им се обезбеди работа, менторство “, истакна Костуранова во еден разговор за „Блумберг“
Со овие искуства предвид, се чини дека мисијата за запирање на иселувањето и за создавање на услови за враќање на нашите иселеници и не е невозможна мисија. Со силна политичка волја и со креирање на стратегија за оваа цел со конкретни мерки и задолженија за институциите, Македонија може да влезе во кампања која што, на пример, може да се нарече – МК е ОК!
Почетен импулс во таа насока може да биде Планот за раст на економиите на Западен Балкан, програма во која за Македонија се предвидени речиси 1 милијарда евра наменети за значајна финансиска поддршка за поддршка на забрзувањето на реформите, особено во делот на прилагодување на националните економии со стандардите на земјите членки на ЕУ.
Според сите оценки Планот за раст е најамбициозниот механизам на Европската Комисија во досегашниот процес за интеграција на земјите од Западен Балкан во ЕУ и дека на него треба да се гледа како на инвестиција за успешно заокружување на евоинтеграцијата на регионот.
Од сето ова произлегува дека фокусот на земјите од Западен Балкан за економска и социјална конвергенција со стандардите на ЕУ треба да биде ставен реформите во деловното опкружување, во дигитализацијата, во образование во однос на развој на професионалните и стручните вештини, но и во основите како што е владеење на правото и овозможувачката средина за бизнис во фер средина ослободена од канцерогените влијанија на корупцијата.
Генералниот директор на Директоратот за проширување на Европската Комисија, Јан Копман, по претставување на планот пред министрите за финансии од регионот во Скопје, порача дека Планот за раст треба да ги удвои економиите на земјите од регионот, така што, од моменталните шест илјади евра просечниот БДП по глава на жител, за десет години да биде 12 илјади евра.
Десет години за удвојување на стандардот на граѓаните на земјите од регионот, односно на Македонија, за да се почувствуваат благодетите кои ќе отворат широки перспективи за младите и за враќање на веќе иселените.
Подобар животен стандард, подобро образование, нормализирање на владеење на правото, се само дел од елементите од, како што економскиот сектор ја нарекува, целопкупната тема на задржување на младите и адресирање на прашањето до институциите преку разработени ставови на бизнис-заедницата.
Оттаму, имајќи ги овие перспективи предвид, влезот во Европската Унија повторно се наметнува како прашање кое не смее да се одлага зашто ги отвора шансите за младите и нуди развој на државата и сигурна иднина како поттик за нашите иселени граѓани да станат повратници.
„Важно e сега да побрзаме бидејќи секој ден надвор од ЕУ губиме по една можност од Европската Унија. Романија откако е членка на Европската Унија има повлечено 40 милијарди евра во инфраструктура, животна средина, земјоделие и целокупен развој. Хрватска 25 милијарди евра за 10 години, Романија за 15 години. Бугарија го зголемила извозот за 230 процент. Целата инфраструктура на овие држави изградена од пари на Европската Унија“, коментираше во една прилика вицепремиерот задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ.
Сите овие фактори и искуства од придобвките на земјите кои станале членки на ЕУ одат во прилог на стабилноста, економскиот напредок и прогрес во постигнувањето на европските стандарди. Тоа е влогот и почетна точка што Северна Македонија треба да ја оствари со непрекинат и стабилен евроинтеграциски процес како услов за креирање стратегија за враќање на македонските граѓани во земјата.
Извор: Racin.mk