Во организација на Министерството за образование и наука денеска во Скопје се одржува состанок на Управниот одбор (Комитет на високите службеници) на COST – најстарата европска програма за соработка во областа на науката и технологијата, на кој се дискутира за досегашните постигнувања и идните цели и иницијативи на програмата.
Mинистерот за образование и наука Јетон Шаќири кој има воведно обраќање на состанокот, рече дека за нас како држава оваа програма е од особено значење и изрази задоволство што изминатиот период, како што рече, покажавме доста голем интерес за учество во рамки на истата.
„Ќе споделам податок дека само во изминатите два месеца, од вкупно 70 акции колку што беа предложени и спроведени во рамки на COST програмата, Северна Македонија има свои претставници во 67 акции или тоа е учество во 97% од акциите. Ова подразбира дека и ние како земја имаме научно – истражувачки потенцијал, имаме квалитетен кадар кој со свои идеи и иницијативи придонесува за развојот на науката и технологијата во глобалниот свет“ рече Шаќири.
Додаде дека во иднина МОН ќе се обиде оваа програма и можностите за учество во истата да ги доближи до што повеќе млади научници и истражувачи во земјата, преку презентации и работилници на универзитетите, а ќе се заложи и за обезбедување на што поголем буџет за наука во следните буџетски години.
„Тоа ни преостанува и ќе биде приоритет, затоа што не може да постои напредок на државата доколку не се вложува во науката и во знаењето на граѓаните“, потенцираше министерот.
Во текот на вчерашниот ден во просториите на МОН се одржа средба помеѓу министерот за образование и наука Јетон Шаќири и директорот на COST програмата, Роналд Де Бруин, на која присуствуваа и претставникот на нашата земја во управниот одбор на оваа програма, проф. д-р Зоран Поповски, како и директорката на Националниот совет за високо образование и научно истражувачка дејност, проф. д-р Гордана Лажетиќ. На средбата беше потврдено дека меѓу земјите од регионот, Северна Македонија е еден од најактивните учесници во програмата. Потоа, на Факултетот за земјоделски науки и храна при УКИМ беше организиран инфо ден за програмата.
COST е најстарата европска програма за наука и технологија, формирана во 1971 година. Северна Македонија е нејзина полноправна членка од 2002 година.