Првиот потпретседател на Владата и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби, заедно со шефот на мисијата на ОБСЕ, амбасадорот Килијан Вал, го презентира истражувањето „Анализа на состојбата на јазичното образование на помалите заедници“.
Груби изјави дека пречките за унапредување на јазиците се веќе надминати и мултиетничкото општество во земјата е отворено за соработка и прифаќање на сите заедници.
„Како што не може да се изгради куќа без план, така не може да се состави и имплементира вистинска акциона стратегија во служба на човековите права, без квалитативно истражување, кое цели кон потребите на припадниците на заедниците. Овие документи како денешниот не треба да се доживуваат само како теоретски наоди, туку како објективен водечки компас за во иднина да донеат уште попозитивни резултати“, рече Груби.
Првиот вицепремиерот им се заблагодари на Мисијата на ОБСЕ и на Дирекцијата за развојот и унапредувањето на образованието на јазиците на припадниците на заедниците што овозможија реализација и објавување на ова истражување, чии препораки, како што рече, остануваат неоспорна обврска на Владата, Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците, Министерството за образование и наука, единиците на локалната самоуправа и училишните институции.
„Основите на овие права ги поставивме во духот на Охридскиот рамковен договор, кој ги трансформира поранешната реалност и ирационалниот дискурс што владееше во однос на јазичното богатство кај нас како во секојдневниот живот така и во законодавството. На оваа здрава основа денес сме посвесни со отворен ум и со појасен хоризонт кон меѓусебните идентитетски вредности“, рече Груби.
Шефот на Мисијата на ОБСЕ, амбасадорот Килијан Вал, рече: „Овие препораки не се само предлози, тие се акциони чекори. Затоа, да ги трансформираме во опипливи дејства“.