25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Маричиќ: Планот за раст на ЕУ ќе ги засили економиите на Западен Балкан и ќе ги намали разликите со земјите-членки

„Силно го поздравуваме објавениот План за раст на Западен Балкан.За прв пат имаме резервирани пари за реформите. Шест милијарди евра за Западен Балкан, од кои 1 милијарда евра на располагање за Северна Македонија. Планот за раст ќе ги засили нашата и регионалната економија и со тоа побрзо ќе се намалуваат разликите со економиите на земјите членки на Европската Унија“ рече вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ на прес-конференција.

Тој додаде дека со Планот за раст се овозможува и пристап до европскиот заеднички пазар, што значи дека нашите производи и услуги ќе почнат да се пласираат на Единствениот европски пазар и пред нашето официјално членство во Европската Унија.

„Планот за раст е резултат на нашите барања. Ние побаравме од Европската Унија да може да користиме придобивки и можности од зачленувањето во Европската Унија пред време, односно додека траат преговорите. Тоа беше и тема на забрзана интеграција или повеќе интеграција пред членство“ рече Маричиќ.

Вицепремиерот додаде дека Планот за раст е финансиска и политичка инвестиција на Европската Унија во Северна Македонија и регионот и порака дека сака да ги види во европското семејство до 2030 година.