6. декември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.БИЗНИС

Градење на одговорен здравствен систем: АмЧам Конференција за Здравство фокусирана на пристапот до лекови и податоци

Денеска во Скопје се одржува конференција за Здравство, насловена како „Поглед во иднината за нашиот здравствен систем“, организирана од страна на Американската Стопанска Комора во Северна Македонија (АмЧам). На неа свое учество зедоа релевантни креатори на јавните политики, домашни и меѓународни експерти, претставници од корпоративниот сектор, чинители од невладиниот сектор, како и стручни лица од академската заедница.

Во своето воведно обраќање, претседателката на Комитетот за Здравствена заштита при АмЧам и Генерален директор на Рош, г-ѓа Александра Ивановска, повика на неодложно приоретизирање на здравствената агенда и одржливо проектирање на целокупниот развој на домашниот здравствен систем кој мора да обезбеди еднаков пристап до достапни, квалитетни и модерни здравствени услуги за сите граѓани. Таа ја акцентираше потребата за подобрување на пристапот до лекови, дигитализацијата и искористувањето на податоците во креирањето на здравствените политики, посочувајќи ги како неопходни чекори во изградбата на здравствен систем кој може ефективно да се прилагоди кон предизвиците на иднината и еволуирачките потреби на граѓаните.

Главното предавање на конференцијата го имаше светски познатиот здравствен експерт и консултант Боги Елијасон, директор за здравство при Институтот за Футуристички Студии од Копенхаген. Елијасон понуди осврт врз развојот на одржливи здравствени системи во иднината, со фокус на унапредувањето на превентивната здравствена заштита со цел да се намали бројот на хронични болести кај населението. На тој начин, според Елијасон, здравствената заштита треба да биде инвестиција, а не трошок за државите. Тој смета дека таквиот напредок може да се постигне со користење на знаење, иновации и технологии. Тоа всушност ни го овозможува т.н. „четврта индустриска револуција“, која што вклучува нови знаења во биологијата, ефикасна примена на податоците и дигиталното поврзување, генерирањето на напредна графичка презентација и анализа на интегрирани податоци, како и примената на нови паметни и нано материјали.

По него следуваше Марцин Чех, професор и раководител на Катедрата за фармакоекономија при Институтот за мајка и дете во Варшава, кој што одржа презентација со наслов: „Пристап до лекови – регистрација и рефундација“. Чех објасни дека Северна Македонија е меѓу државите со најмали вложувања во здравствената заштита на граѓаните, во споредба со земјите од регионот и особено со оние во Европската Унија. Со цел надминување на таквата состојба, тој понуди пет точки за унапредување: зголемена регистрација на лекови достапни на пазарот, проширување на позитивната листа, воведување на условни буџети за болниците за достапност до иновативни лекови, имплементирање на програми за иновативни лекови за ретки болести, како и поголема транспарентност при собирањето и анализата на податоците за резултатите од лекувањето на пациентите.

Презентацијата на Чех послужи како одличен вовед во панелот „Пристап до лекови – основен елемент на здравственото право“, модериран од Валентина Митрова од Асоцијација на претставници на странски производители на иновативни лекови ФАРМАБРЕНД НОВА, во кој свое учество зедоа: Министерот за здравство, г-дин Фатмир Меџити, директорката на Фондот за здравство, г-ѓа Магдалена Филиповска Грашкоска, советничката за здравство при Владата на РСМ, г-ѓа Ана Данева Маркова, заменик-директорот на МАЛМЕД, г-дин Роберт Беќировски, како и г-ѓа Весна Попова од фармацевтската компанија Зегин. Тие се осврнаа на процесот на отворање на позитивната листа на лекови и дизајнирањето на државните здравствени политики, зборувајќи за напорите кои се прават сѐ со цел да се регистрираат поголем број на молекули. Истовремено беше разговарано и за финансиските проекции и буџетските импликации од ставањето на нови лекови на позитивната листа.

Во вториот дел на конференцијата се дискутираше за потребата од релеватни и прецизни податоци кои можат да се користат во проектирањето на здравствените политики и идентификувањето на просторот каде се потребни нови развојни реформи.

Најпрво, г-дин Марк Бојд од Open Data Institute, се осврна врз важноста од секундарната употреба на здравствените податоци, истакнувајќи ја нивната улога во оптимизацијата на здравствениот систем, следење на третманите на пациентите, намалувањето на трошоците и поттикнувањето на медицинските иновации. По неговата презентација следеше панелот „Искористувањето на податоците во креирањето на здравствените политики“, каде дискутираа Жаклина Чагаровска (Министерство за здравство), Милана Труцл (Европски форум на пациенти), Лорен Силвер Волос (Универзитет Охајо) и Ристе Јуруковкси (Варус).

Панелистите зборуваа за важноста од дополнително искористување на податоците од електронските системи како што се „Мој термин“ и „Мое здравје“ во намерите да креираме здравствен систем кој што во фокусот на своето функционирање ќе го има пациентот. Учесниците заеднички ја споделија пораката за потребата од агрегирани и интегрирани податоци, кои што ќе бидат транспарентно достапни пред јавноста и на увид на стручната заедница со цел дополнителни анализи и истражувања – по примерот на современите европски практики во здравството.

Во последниот панел на конференцијата, насловен „Момент на пресвртница: Здравствениот систем на Република Северна Македонија“, ќе учествуваат претставници на четирите најголеми парламентарни политички партии во државата: г-дин Беким Татеши (Алијанса за Албанците), г-дин Харис Караџенеми (ДУИ), г-дин Венко Филипче (СДСМ) и г-дин Игор Николов (ВМРО-ДПМНЕ). Панелистите со присутните и јавноста ќе ги споделат нивните размислувања и политички визии за тоа како според нив треба да изгледа здравствениот систем на државата во иднина, образложувајќи ги клучните чекори за чија имплементација ќе се залагаат тие како политички чинители.