23. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Дали блокадите на уставните измени од страна на ВМРО-ДПМНЕ ќе ја втурнат државата во нова изолација?

Течат роковите до кога Македонија треба да ги реализира уставните измени, кои се услов за продолжување на евроинтеграциите и отворање на првите кластери.

Текстот на измените е подготвен, се одржа и една од потребните седници, но не се ставаат на дневен ред, затоа што во Собранието недостасуваат пратенички гласови, за уставните измени да бидат усвоени.

ВМРО-ДПМНЕ и лидерот Христијан Мицкоски остануваат на ставот дека такви измени на Уставот, „под бугарски диктат“ како што велат, тие нема да поддржат.

Тоа, претстаниците од парламентарното мнозинство го толкуваат како свесно дејствување против државните интереси и против европската иднина на државата, обвинувајќи ја опозициската партија дека е против ЕУ и дека сака државата да ја вовлече во изолација и неизвесност.

Колку се опасни блокадите на ВМРО-ДПМНЕ?

ЕУ, во повеќе наврати јасно даде до знаење дека без измените на уставот нема напредок во преговорите, ниту отворање на кластерите.

Крајот на ноември беше некаков рамковен рок за носење на измените на Уставот, но денес, на почетокот на месецот нема никакви назнаки дека тие ќе се случат насокоро.

Неносењето на уставните измени, не значи веднаш прекин на евроинтегративниот процес на државата, но значи големо назадување во процесот и оддалечување од ЕУ.

Тоа, во суштина ќе значи дека Албанија следната година дефинтиивно ќе биде одвоена од Македонија и ќе продолжи напред, додека нашата држава ќе остане да каска, во група со Босна и Херцеговина и Косово.

Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ укажува на фактот дека наскоро и Украина и Молдавија ќе започнат да преговораат, а ние како држава може да испуштиме шанса за напредок, нешто што досега неколку пати се случувало.

„„Патот кон ЕУ ќе продолжи, пакетот ќе се формира. Очекуваме и Украина и Молдавија да добијат отворање на преговорите и тие што се подготвени ќе продолжат. Ако останеме ние во чекалната, а останатите продолжат, повторно ќе биде на наша штета. Ние почнавме со Хрватска, а Хрватска сега е десет години членка, влезе во еврозоната и Шенген“ рече неодамна Маричиќ на јавниот сервис.

Дека испуштање на оваа шанса ќе значи нова изолација, смета и заменикот главен преговарач со ЕУ, Дрита Абдиу-Халили, која за ТВ 21 порача дека ако не се изгласаат уставните измени, постои опасност да се повтори 2008 година, односно државата да влезе во неизвесен период.

Што е алтернативата на Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ?

Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ често пати велат дека кога тие ќе ја преземат власта, ќе успееле да договорат промена на преговарачката рамка и дека уставните измени ќе се донеле под други околности различни од овие денес.

Но, високи претставници на ЕУ, амбасадори во државата, шефови на држави на земји членки на ЕУ, јасно дадоа до знаење дека нова преговарачка рамка не е возможна.

Уставните измени и преговарачката рамка се реалност, тоа го смета и универзитетскиот професор Александар Спасеновски кој е и поранешен пратеник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.

„Ова не е нешто кое ќе заврши со завршување на мандатот на Собранието, туку ова е обврска која ќе биде присутна и на идната Влада, а таа е тесно поврзана со процесот на евро интеграцијата. Ова е реалноста, и на таквата реалност ќе мора да се прилагодат политичките лидери“ вели тој за ТВ21.

Очигледно дека на сите, па дури и во ВМРО-ДПМНЕ им е јасно дека без потребните измени на Уставот нема да има напредок во евроинтеграциите, па затоа своевремено во јавноста кружеа шпекулации дека Мицкоски на средбите со странците ветувал носење на измените, веданш штом неговата партија би ја презела власта.

Дали такво нешто ќе се обвистини, ќе треба да ги сочекаме прво парламентарните избори следната година и секако нивниот исход, но она што е генерален заклучок е дека Македонија седмица по седмица, месец по месец, губи драгоцено време во евроинтегративниот процес.

Извор: 24info.mk