22.8 C
Скопје
20. септември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

ЦУК: Вчера пожарникари гаснеа пет пожари на отворен простор

Во текот на вчерашниот ден, противпожарните тимови интервенирале на пет пожари вкупно на отворен простор од коишто до утрово се уште се води како активен само еден – се дури не се добие потврда од терен дека е изгаснат, според извештаите во Секторот за операции и координација (СОК) во Центарот за управување со кризи (ЦУК), што се добиени од надлежните институции во Системот за управување со кризи (СУК).

Активен пожар, до утрово, се води само еден: во Општина Дебар кај месноста „Красница“, во реонот на с.Гари, на планината Стогово, каде што горела висока сува трева – пасиште. Конкретно, околу 12:45 часот, преку единствениот број за итни повици 112 во ЦУК е добиена дојава за пожарот. Од Регионалниот ЦУК Дебар е стапено во контакт со ТППЕ Дебар и ЈП „Национални шуми“ – подружница „Стогово“ од Дебар, како и со жители кои живеат во непосредна близина на местото каде што е забележан пожарот, при што добиле известување дека пожарот е на тешко пристапен терен и нема опасност за негово проширување. ЈП „Национални шуми“ – подружница „Стогово“ од Дебар известиле дека текот на вчерашниот ден не било можно да се интервенира, а во текот на денешниот ден ќе испратат екипа на терен.

Изгаснатите четири пожари на отворено, каде што горела ниска вегетација, биле во: Општина Могила, кај с.Ивањевци; Општина Долнени, помеѓу селата Дебреште и Лажани; Општина Старо Нагоричане, кај с.Младо Нагоричане и во Општина Боговиње во атарот на с.Урвич.