Centar.mk
МАКЕДОНИЈА

Забележано почетно намалување на бројот на новoпрегледани пациенти во болницата и здравствениот дом во Гостивар, активно се следи состојбата на терен

Министерството за здравство континуирано ја следи епидемиолошката состојба на подрачјето на Гостивар и согласно последните податоци од јавните здравствени установи информираме дека од вчерашниот ден се забележува почетно намалување на бројот на новопрегледани пациенти со симптоми на гастроентероколит, односно пациенти кои првпат побарале лекарска помош.

Кумулативно, во Општа болница Гостивар досега се евидентирани 1.554 пациенти, а во Здравствен дом Гостивар 1.392 пациенти. Четирите лица, кои беа хоспитализирани веќе се пуштени на домашно лекување. Досега се доставени 140 формални пријави, кои се обработуваат од епидемиолошките тимови на ЦЈЗ Тетово и Институтот за јавно здравје, и се спроведени 81 епидемиолошка анкета.

Во однос на дневниот тренд на новопрегледани пациенти, податоците покажуваат дека во текот на вчерашниот ден (19.07) се евидентирани вкупно 564 новопрегледани пациенти во болницата и здравствениот дом, што покажува намалување во споредба со претходниот ден кога биле евидентирани 649 новопрегледани пациенти и кога беше достигнат најголемиот број на новопрегледани пациенти во тек на еден ден.

Потсетуваме дека клиничката слика кај најголемиот број пациенти е лесна, и се спроведуваат сите потребни епидемиолошки, лабораториски и превентивни активности.

Министерството за здравство апелира граѓаните да ги следат официјалните препораки, да одржуваат редовна хигиена на рацете, а лицата со повраќање, дијареја, покачена температура или знаци на дехидратација навремено да побараат медицинска помош.