24. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.КУЛТУРА

Промоција на изложбената поезија „Стражари на ноќта“ од Марија Митева

На 1 ноември (среда), со почеток во 20:00 часот, во Мала станица, ќе се одржи промоција на збирката поезија „Стражари на ноќта“ од Марија Митева, во издание на „Полица“.

Станува збор за збирка од 24 песни, кои се, пред сè, поврзани со Скопје. Овие длабоко емотивни песни, Митева во соработка со седуммина други уметници ги има претворено во нова, хибридна форма што таа ја нарекува изложбена поезија. Имено, збирката се состои од 24 постери, на кои е илустрирана по една од песните и наместо меѓу корици како книга, сместена е во папка.

Темите кои се во фокус на поезијата се прелеваат од општествениот живот во капиталистичкото уредување, предизвиците на урбаното живеење, преку секојдневните соочувања со системот, до многу интимни и длабоки човекови емотивни состојби кои се нераскинлив дел од општественото битисување.

Илустрациите ги потпишуваат седуммина уметници од визуелната уметност, сликари, вајари, дизајнери, илустратори и тоа: Зоран Кардула, Владимир Мартиновски, Александар Стојчевски, Катерина Јовчевска, Филип Ивановски – Пепе, Филип Мартиновски и Ања Ангеловска. Уметниците работеа со четирите „бои на ноќта“ и преку своите илустрации имаа предизвик да го претстават своето видување на различните теми на песните.
Лидија Димковска, поетеса, прозаистка, преведувачка и добитничка на наградата „Стале Попов“ и на Европската награда за литература за „Стражари на ноќта“ ќе каже: Оваа изложбена поезија има призвук на рок-поезија, обработува урбани, општествени, социјални, геополитички, емотивни и егзистенцијални теми на сленговски јазик, кои го отсликуваат македонското и универзалното секојдневие на игрив начин, неретко со ритам и внатрешна рима, со филмски колажи и игри на зборови.

24-те постери со поезијата на Марија Митева ќе бидат изложени во Мала станица во среда (1 ноември), а поставката ќе може да се разгледа вечерта при промоцијата, како и во следните денови до 5 ноември.

„Стражари на ноќта“ е прва збирка поезија на Марија Митева (1995), која доаѓа три години по нејзината прва збирка раскази „Највисокото дно“ (2020), и таа во издание на „Полица“. Авторката припаѓа на генерацијата најмлади автори во современата македонска книжевност.