Centar.mk
КУЛТУРА

Александар Видиновски: „На местото на настанот“ потсетува дека најтешките битки не се водат на фронтовите, туку во време на мир

Што значи да се биде новинар кога историјата се случува пред твоите очи? Како изгледаат големите светски настани кога си во нивниот центар? Што се случува зад телевизискиот прилог, кога камерите ќе се изгаснат, а новинарот останува сам со своите сеќавања, стравови и одговорности?

Одговорите на овие прашања се дел од „На местото на настанот“, првата книга на новинарот Александар Видиновски, во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“. Книгата беше промовирана вчеравечер (5 ноември) во преполната книжарница „Литература.мк“ во „Дајмонд мол“, каде што многу гости, колеги и пријатели се собраа да ја проследат промоцијата на ова автентично сведоштво за новинарството и за времето во кое живееме. Промоцијата започна со музички настап на специјалните гости и пријатели на авторот – музичарот Дуке Бојаџиев и вокалистката Зарина Првасевда, кои со својата изведба ѝ дадоа посебна атмосфера на вечерта. За книгата и за нејзината содржина пред присутните говореше промоторот Борислав Тноковски, кој ја доближи публиката до светот на репортерската професија и до искуствата што Видиновски ги преточил во своите мемоари.

– Идејата за книгата се роди сосема спонтано. Низ годините, настаните од кои сум известувал беа навистина големи и значајни, па така, по игра на случајноста, безбројпати сум ги раскажувал моите доживувања и преживувања од терен пред пријатели, кои со интерес ги слушаа. Си реков: додека сè уште сеќавањата се свежи, да ги ставам на хартија, за да остане некаков пишан доказ дека и македонски новинари, во одредени моменти, биле рамо до рамо со странските колеги и известувале директно од лице место за големи светски настани – изјави Видиновски за мотивот што го поттикнал да ја напише книгата.

„На местото на настанот“ содржи сведоштва и записи од речиси две децении професионална кариера. Од престрелките во Диво Насеље и драматичната ноќ на обидот за воен удар во Турција, преку терористичкиот напад во клубот „Реина“ во Истанбул, до падот на авионот во Кожле – книгата носи сведоштва од настани што оставиле длабока трага.

На прашањето дали имало момент кога се почувствувал загрозен и се запрашал дали ризикот вреди, авторот и новинар вели:
– На овие места, секако дека сум се чувствувал загрозен. Не сакам да звучам премногу храбар, но никогаш не сум се двоумел дали вредел ризикот. Има и други, можеби и поризични професии, но јас овој ризик свесно го прифатив и токму тоа ме држи буден… Во такви моменти постојано те мачат прашања: Дали ќе успеам да ја пренесам информацијата целосно, а со тоа и објективно? Дали ја гледам целата слика? Како да бидам максимално ефикасен, а во исто време и безбеден? Како да бидам сигурен дека сум целосно неутрален и ни случајно нема да заземам една, друга или трета страна? На крајот, се прашуваш: што е тоа што му треба на гледачот за јас да го оправдам моето присуство таму, на терен? Посакувам, по читањето на оваа книга, читателите да разберат дека, всушност, најтешките борби не се водат секогаш на фронтовите. Најтешко е да ги извојуваш оние битки што ти се случуваат во време на мир.

Осврнувајќи се на промените во новинарството во ерата на социјалните мрежи и на брзото ширење на информации, Видиновски истакнува дека технологијата донела поголема брзина, но и дополнителна одговорност за проверка на информациите. „Брзината не значи секогаш и квалитет, особено кога знаеме дека и дезинформациите се шират со иста брзина“, посочува Видиновски, кој моментално работи како уредник и водител во телевизијата Канал 5.
Паралелно со телевизиската работа, Видиновски ја развива и својата независна дигитална новинарска платформа на YouTube (@a_vidinovski), придонесувајќи кон развојот на новите форми на медиумско изразување.
– Преку мојот јутјуб-канал сакам да ја извојувам токму таа најтешка битка – борбата со самите себе, борбата со нашиот менталитет, онаа што ни се случува во време на мир. Мотивот првенствено произлегува од искрената љубов кон татковината, но и од гледачите, кои даваат огромна поддршка за овие теми, бидејќи за нив се длабоко емотивни и суштински.

За својата долгогодишна работа има добиено повеќе признанија, меѓу кои и признанието „Македонствуваме“ на „ЕХО – Фестивалот на планински филм“, за придонесот во подигнувањето на јавната свест за значењето на грижата за природата и за нејзините богатства.
– Посебно ми е драго што оваа работа ја препознаваат не новинарските здруженија, туку обичните луѓе и другите заедници, кои ѝ даваат поддршка на нашата заедничка битка за елементарно пристојна Македонија. Промени веќе се случуваат и сакам да верувам дека мојата работа е само мал катализатор во тој голем процес – вели тој на крајот.

Книгата „На местото на настанот“ е достапна во книжарниците на „Литература.мк“ и онлајн преку www.literatura.mk.

Можеби ќе ве интересира

Промоција на книгата „На местото на настанот“ од новинарот Александар Видиновски вечерва во „Литература.мк“ во „Дајмонд мол“

ДЕСК

Објавена е книгата „Кодификаторите на македонскиот јазик“ од Димитар Пандев

ДЕСК

ГОЛЕМА НАГРАДА ЗА МАКЕДОНСКИОТ ФИЛМ – „Сестра, брат и шахта“ на Манчевски освои Гран при во Токио

ДЕСК