25. ноември 2024
Centar.mk – Вести, бизнис, забава, спорт…
.МАКЕДОНИЈА

Спасовски на средба со претставници од здружението „Иницијатива за права на жени од Шуто Оризари“

Денеска министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски оствари средба со претставнички од здружението „Иницијатива за правата на жените од Шуто Оризари“ предводени од извршната директорка, Салија Халим – Бекир.

На средбата беше претставен проектот „Превенцијата и заштита од родово-базирано насилство во Северна Македонија“, а се разговараше и за отворањето на првиот Центар за психосоцијална поддршка за жени – жртви на семејно и родово базирано насилство на територијата на Шуто Оризари, „ISI ARKA“.
Министерот Спасовски пред присутните ја поздрави иницијативата за работна средба, истакнувајќи го фактот дека МВР се грижи со сите граѓански здруженија во општеството да развива партнерски односи.
„Безбедноста не сме ние како поединци, ниту еден човек, ниту една институција, туку безбедноста сме сите ние. Родово-базираното насилство врз жени и девојчиња е една од темите на која и ние работиме и тоа и превентивно, и репресивно. Најдобро е превентивно да се работи за секој вид на насилство. На оваа тема треба многу да се работи за да се подигне јавната свест, за да се препознаваат облиците на насилство и истите веднаш да се пријавуваат. Ние како МВР сме отворени за соработка“, истакна Спасовски.
Од страна на извршната директорка на здружението, Халим – Бекир беше посочено дека една од целите на оваа средба е да се зајакне соработката со ромската заедница.
„МВР е партнер и сојузник во превенирањето и заштитата од семејното и родово базираното насилство. Важно е заедно со институциите да добијат помош оние на кој им е најмногу потребна“, рече на средбата Халим – Бекир.